поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28
  29. 29
  30. 30
  31. 31
  32. 32
  33. 33
  34. 34
  35. 35
  36. 36
  37. 37
  38. 38
  39. 39
  40. 40
  41. 41
  42. 42
  43. 43
  44. 44
  45. 45
  46. 46
  47. 47
  48. 48
  49. 49
  50. 50
  51. 51
  52. 52
  53. 53
  54. 54
  55. 55
  56. 56
  57. 57
  58. 58
  59. 59
  60. 60
  61. 61
  62. 62
  63. 63
  64. 64
  65. 65
  66. 66

Стар Завет

Нов Завет

Исаија 1 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Видение на Исаија, синот Амосов, што го имаше за Јудеја и за Ерусалим, во деновите на Озиј, Јоатан, Ахав и Езекија, јудејски цареви.

2. Чујте, небеса, послушај, земјо, зашто говори Господ: „Ти ги воспитав, ги подигнав, синовите, ама тие се одметнаа од Мене.

3. Волот го познава својот сопственик, а оселот јаслите на господарот - Израел не познава, Мојот народ не разбира.”

4. Ох, грешен ли народ, луѓе загазени во зло, злосторнички род, расипани синови! Го оставија Господа, Го презреа Израелевиот Светец, Нему Му ги свртија плеќите.

5. Па каде да ве удрам уште, кога и понатаму се бунтувате? Целата глава е болна, срцето изнемоштено;

6. од петицата до главата никаде здраво место, туку повреди, синила, отворени рани, ни очистени, ни завиткани, ниту заблажени со масло.

7. Земјата ви опусте, градовите оган ги спали, туѓинците ги ограбуваат вашите ниви, пред ваши очи - пустина, како разорена од туѓинци.

8. Сионската Ќерка остана како колиба во лозје, како полјачица во градина со краставици, како опсаден град.

9. Ако не ни беше оставил Господ над Воинствата Остаток, ќе бевме како Содом, слични на Гомор.

10. Чујте го Господовото слово, содомски главатари, послушај го Законот на нашиот Бог, гоморски народе!

11. „Зошто ми е мноштвото ваши жртви? - говори Господ. - Сит сум од овенски паленици и од мрсното на згоените телиња. И крвта Ми се згади од бикови, јагниња и јариња.

12. Кога доаѓате да Ми го видите лицето, кој од вас бара да гази по Моите преддворја?

13. Прекратете да Ми носите ништожни приноси, темјанот го замразив. Млади месечини, саботи и собори - не поднесувам празнувања и беззаконија.

14. Вашите млади месечини и празници ги мразам од сета душа - тешки Ми се, не можам да ги поднесам!

15. Кога ги ширите рацете за молитва, Јас ги одвраќам очите од вас. Само ги множите молитвите, Јас не ве слушам. Рацете ви се натопени во крв,

16. измијте се, очистете се. Отстранете ги од пред Моите очи нечесните дела, престанете да правите зло!

17. Учете се на добри дела: стремете се кон правдата, притекнете му на помош на угнетуваниот, помогнете му на сирачето до правдата, заземете се за вдовицата.”

18. „И сега дојдете, да бидеме прави, говори Господ. Ако ви бидат гревовите како црвено сукно, ќе бидат бели како снег; ако бидат румени како пурпур, ќе станат како волна.

19. Ако сакате да Ме послушате, ќе уживате во земните плодови.

20. Ако истраете во бунтовството, ќе ве проголта меч.” Така зборуваше Господовата уста.

21. Како стана ти блудница, верна тврдино? Беше полна со правда, правдата престолуваше во неа, а сега - убијците.

22. Твоето сребро се претвори во троска, виното ти се разводни.

23. Твоите кнезови се одметнаа, се спријателија со крадци. Сите копнеат за поткуп, летаат по дарови. Му ја скратуваат правдата на сирачето, парницата на вдовицата не стига до нив.

24. Затоа вака зборува Господ, Господ над Воинствата, Израелевиот Јунак: „Ах, кога ќе се задоволам над противниците и кога ќе им се одмаздам на непријателите!

25. Кога ќе ја испружам раката на тебе, за да ја очистам твојата троска со киселина, за да ја отстранам од тебе секоја смеса!

26. Да ти поставам пак судии како некогаш, советници како во почетокот, па да те викаат Праведен Град, Тврдина на верноста.”

27. Праведен суд ќе го откупи Сион, а правдата неговите обратеници.

28. Отпадниците и грешниците ќе се скршат заедно, а ќе загинат оние, кои Го напуштаат Господа.

29. Да, ќе се срамите заради дабовите по кои копнеете сега, и ќе црвенеете заради градините во кои сега уживате.

30. Зашто, ќе бидете како даб со исушени лисја, и како градина во која нема вода.

31. Силниот ќе биде како коноп, а искрата негово дело, заедно ќе изгорат, а никој да ги згасне.