Стар Завет

Нов Завет

Езекиел 39:1-13 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. А ти човечки сине, пророкувај против Гога и речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве Ме против тебе, Гоже, голем кнезу на Рош, Месех и Тувал!

2. Ќе те намамам и ќе те поведам, ќе те подигнам од крајниот север и ќе те доведам на Израелевите гори.

3. Ќе ти го избијам лакот од левата рака и ќе ги истурам стрелите од твојата десница.

4. На Израелевите гори ќе паднеш ти и сите твои чети и народите кои ќе бидат со тебе: те дадов за храна на грабливите птици на сè крилесто, и на ѕверовите.

5. Ќе паднеш на отворено поле, зашто Јас реков така - говори Господ Бог.

6. Ќе испратам оган на Магога и на жителите на островите, кои живеат безгрижно, и ќе знаат дека Јас Сум Господ.

7. Моето свето име ќе го објавам среде Мојот Израелев народ, и не ќе оставам да се обесветува веќе Моето свето име! И сите народи ќе познаат дека Јас Сум Господ, Израелевиот Светец.

8. Еве доаѓа и ќе се збидне - зборува Господ Бог! Тоа е денот за кој што зборував!

9. Ќе излезат жителите на Израелевите градови, ќе запалат оган и ќе ги изгорат оружјето, штитовите, лаковите и стрелите, копјата и сулиците - со нив ќе палат оган седум години.

10. Не ќе носат дрва од полето ниту ќе сечат по горите, туку ќе го палат огнот со оружје. И ќе ги запленат оние што нив ги пленеа, ќе ги ограбат оние што нив ги ограбуваа” - говори Господ Бог.

11. Во оној ден ќе му дадам на Гога за гроб прочуено место во Израел: долината Абарим, источно од Морето, што им го затворува патот на минувачите; таму ќе ги закопаат Гога и сето негово мноштво. И долината ќе се нарече Хамон-Гога (Гогови множества).

12. И домот Израелев ќе ги закопува седум месеци за да ја очистат земјата.

13. И сиот народ ќе ги закопува, ќе им биде славен денот во кој ќе се прославам, говори Господ Бог.

Прочитајте целосна глава Езекиел 39