Стар Завет

Нов Завет

Езекиел 36:7-25 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

7. Затоа Господ Бог зборува вака: „Еве, дигам рака и се колнам: Народите што се околу вас сами ќе го носат својот срам.

8. А вие, Израелеви гори, разгранчете се и донесете му род на народот што ќе дојде скоро.

9. Зашто, еве Ме кај вас! Се обратив кон вас, и ќе ве одгледувам и ќе ве посејам.

10. Ќе ги размножам луѓето по вас, - сиот Израелев дом - ќе ви ги населам градовите, ќе ги кренам пак вашите урнатини!

11. Ќе ги размножам по вас луѓето и животните, тие ќе се намножат и ќе се наплодат - та ќе ве населам како некогаш и ќе ве опсипам со добра повеќе отколку порано! И ќе знаете дека Јас Сум Господ!

12. Ќе доведам кај вас луѓе, Свој народ, Израел, и ќе те завладее, и ќе им бидеш наследство, и веќе нема да им ги одземаш децата.”

13. Господ Бог зборува вака: „А што се зборува за тебе: ‘Ти си земја што ги јаде луѓето и што им ги одзема децата на својот народ’ -

14. ти веќе не ќе ги голташ лакомо луѓето, ниту ќе му ги одземаш децата на својот народ - зборува Господ Бог.

15. Не дозволувам веќе да го слушаш укорот на незнабожците, не давам веќе да им бидеш за срам на народите; нема веќе да им ги одземаш децата на својот народ - говори Господ Бог.’”

16. Ми дојде Господвото слово:

17. ”Човечки сине, кога Израелевиот дом уште живееше во својата земја, ја обесвети со своите неправди и со своите патишта. Нивните патишта беа пред Мене како нечистота на нечиста жена.

18. И затоа го излеав Својот гнев заради крвта што ја пролеаја и заради идолите со кои се обесветија.

19. Ги распрснав меѓу народите и ги расеав по земјите. Им судев според нивните патишта и неправди.

20. Ама во народите меѓу кои дојдоа, меѓу сите народи во кои стигнаа, го обесветуваа Моето свето име, зашто за нив се зборуваше: ‘Тоа е Господовиот народ, а требаше да си отиде од Господовата земја!’

21. И Мене Ми се сожали за Моето свето име што Изрелевиот дом го обесвети во народите меѓу кои што дојде.

22. Затоа речи му на Израелевиот дом: ‘Господ Бог зборува вака: „Што правам не правам заради вас, Израелев дому, туку заради Своето свето име, што вие го обесветивте меѓу народите кај кои дојдовте.

23. Јас ќе го посветам Своето големо свето име, што вие го обесветивте меѓу народите кај кои дојдовте! И народите ќе знаат дека Јас Сум Господ - говори Господ Бог - кога врз вас, пред нивни очи, ќе ја покажам Мојата светост.

24. Тогаш ќе ве соберам од сите народи и ќе ве приберам од сите земји, ќе ве доведам назад во вашата земја.

25. Ќе ве попрскам со чиста вода, за да се исчистите. Ќе ве очистам од сите ваши нечистотии и од сите ваши идоли.

Прочитајте целосна глава Езекиел 36