Стар Завет

Нов Завет

Езекиел 33:25-33 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

25. Затоа речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Вие јадете по горите, ги подигате своите очи кон идолите, пролевате крв - и уште да ја имате во сопственост оваа земја?

26. Се потпирате врз својот меч, правите гадости, ја обесчестувате жената на својот ближен - и уште да ја имате во сопственост оваа земја?”‘

27. Речи им го ова: ‘Господ Бог зборува вака: „Животот Ми Мој, оние кои се во урнатините, ќе загинат од меч; оние кои се во полето, ќе ги дадам на ѕверовите да ги проголтаат, а кои се во тврдините и во пештерите, ќе загинат од помор!

28. Така ќе ја разурнам и ќе ја запустам оваа земја, и ќе ја снема засекогаш дрскоста на нејзината гордост. Ќе запустеат Израелевите гори, и веќе никој не ќе поминува низ нив.

29. И ќе знаат дека Јас Сум Господ, кога ќе ја разурнам и запустам нивната земја заради сите гадости што ги направија.”‘

30. А за тебе, човечки сине, синовите на твојот народ кажуваат покрај ѕидовите и на куќните врати и си зборуваат еден на друг: ‘Ајде да чуеме какво слово дошло од Господа!’

31. И брзаат кон тебе како на народен собир; и Мојот народ седнува пред тебе и ги слуша твоите зборови, но не ги извршува: се насладува со нив во устата, а нивното срце им оди по неправедна печалба.

32. И ете, ти си за нив како слатка песна отпеана со пријатен глас, со музика: ти ги слушаат зборовите, но не ги извршуваат.

33. Но кога ќе дојде сè ова - ете, веќе доаѓа - ќе знаат дека имаше пророк меѓу нив!”

Прочитајте целосна глава Езекиел 33