Стар Завет

Нов Завет

Езекиел 3:8-21 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

8. Ете, затоа ќе го закоравам твоето лице како што е и нивното, и твојата глава ќе ја направам тврдоглава како што е и нивната.

9. И не бој се од нив и не плаши се, зашто тие се одметнички род!”

10. Ми рече: „Човечки сине, сите зборови што ќе ти ги речам земи ги на срце и послушај ги со своите уши.

11. И оди кај заробениците, кај синовите на својот народ, и речи им: ‘Вака зборува Господ Бог,’ послушале или не послушале!”

12. Тогаш Духот ме подигна, и јас чув зад себе силен глас. Господовата слава се подигна од своето место.

13. Го чув летањето на крилјата на оние суштества - удираа едно на друго и силното чкртање на колцата што се движеа со нив, и звук на силен гром.

14. Тогаш Духот ме подигна и ме понесе. И јас одев огорчен во мојот дух, а Господовата рака ме притисна цврсто.

15. Така стигнав во Тел Авив, кај робовите што живееја при реката Хевара - таму каде што се беа населиле - та останав меѓу нив седум дена како замајан.

16. По седум дена пак ми дојдоа Господовите зборови:

17. ”Човечки сине, те поставувам за чувар на Израелевиот дом. И ти ќе слушаш зборови од Мојата уста и ќе ги опоменуваш во Мое име.

18. Кога ќе му речам на безбожникот: ‘Ќе умреш‘, а ти не го опоменеш и не го одвратиш од неговиот лош пат за да му го спасиш животот, тој ќе умре за своето беззаконие, ама јас ќе барам од тебе сметка за неговата крв.

19. А кога ќе го опоменеш безбожникот, а тој не се одврати од беззаконието и од својот лош пат, тој ќе умре во своите беззаконија, а ти ќе го спасиш својот живот.

20. Исто така, ако праведник се одврати од својата праведност и почне да прави неправда, ќе му поставам стапица, и ќе умре зашто ти не го опомена заради неговиот грев; ќе умре, и неговите праведни дела веќе не ќе се спомнуваат, ама од тебе ќе ја барам сметката за неговата крв.

21. Ако ти го опоменеш праведникот да не греши, и тој навистина прекрати да греши, ќе живее, зашто ја прифати опомената, а ти ќе го спасиш својот живот.”

Прочитајте целосна глава Езекиел 3