Стар Завет

Нов Завет

Езекиел 29:8-21 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

8. Затоа Господ Бог зборува вака: „Ете, ќе го доведам Својот меч против тебе, ќе ги истребам од тебе и луѓето и животните!

9. Сета Египетска Земја ќе биде пустина и урнатина, и тие ќе знаат дека Јас Сум Господ. Зашто ти рече: ‘Реката е моја, си ја направив за себе.’

10. Затоа, еве Ме против тебе и против твоите реки, за да ја претворам Египетската Земја во пустина и запустеност од Мигдол до Севан и до етиопската граница!

11. Низ неа не ќе врви веќе човечка нога ни животинска нога, ќе остане ненаселена четириесет години.

12. Ќе направам пустина од Египетската Земја сред запустените земји, а нејзините градови ќе бидат урнатини четириесет години меѓу разурнатите градови. И ќе ги распрснам Египетците меѓу народите, и ќе ги расеам по земјите.”

13. Зашто, Господ Бог зборува вака: „Кога ќе поминат четириесет години, ќе ги соберам пак сите Египетци од народите каде што беа распрснати.

14. Ќе ги вратам египетските заробеници, ќе ги вратам пак во земјата Патрос, нивната родина, за да основат таму слабо царство.

15. Тоа ќе биде најмало од сите царства, за да не се издигне никогаш веќе над другите народи. Ќе го намалам така, што веќе никогаш нема да покори други народи,

16. и да не биде веќе надеж на Израелевиот дом. Нека му ги повикува во паметта гревовите што ги беше направил, свртувајќи се по нив. И тие ќе сознаат дека Јас Сум Господ.”‘“

17. Во дваесет и седмата година, во првиот ден на првиот месец, ми дојде Господово слово:

18. ”Човечки сине, вавилонскиот цар Навуходоносор тргна со војската во голем поход против градот Тир. И секоја глава се разголе и секое рамо се одра. Но ни тој ни неговата војска немаа никаква добивка од тоа што тргнаа против Тир.

19. Затоа Господ Бог зборува вака: ‘Ете, ќе му ја предадам на Навуходоносор, вавилонскиот цар Египетската Земја, ќе и го одземе богатството, ќе награба плен и ќе ја ограби. Тоа ќе биде плата за неговата војска.

20. За трудот што тргна против Тир ќе му ја дадам сета Египетска Земја, зашто работеше за Мене - говори Господ Бог.

21. Во оној ден ќе направам да му порасте рог на Израелевиот дом, а тебе ќе ти ја отворам устата меѓу нив. И ќе знаат дека Јас Сум Господ.’”

Прочитајте целосна глава Езекиел 29