Стар Завет

Нов Завет

Езекиел 20:1-19 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Во седмата година, во петтиот месец, во десетиот ден, дојдоа кај мене некои од Израелевите старешини за да се советуваат со Господ. Седнаа пред мене.

2. И ми дојде Господово слово: „Човечки сине! Зборувај им на Израелевите старешини!

3. Речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Дојдовте да ме прашате за совет? Животот Ми Мој нема да Ме прашате! - говори Господ Бог.’

4. Сакаш ли да им судиш, дали ќе им судиш, човечки сине? Покажи им ги гадостите на нивните татковци.

5. Речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Во оној ден кога го избрав Израел и ја ставив раката на потомството на Јакововиот дом та им се објавив во Египетската Земја, им се заколнав: ‘Јас Сум Господ, ваш Бог!’

6. Во тој ден им се заколнав со подигната рака дека ќе ги изведам од Египетската Земја, во земја што ја избрав за нив, во земја во која течат мед и млеко, најубава од сите земји.

7. И им реков: ‘Отфрлете ги од себеси сите гадости што ви ги привлекуваат очите, и не се валкајте со египетските идоли, зашто Јас сум Господ, ваш Бог!’

8. Но тие се одметнаа од Мене и не сакаа да Ме слушаат: ниеден не ги отфрли гадостите што му ги пленија очите и не се отстрани од египетските идоли. Тогаш одлучив да го излеам Мојот гнев врз нив и да ја излеам Мојата јарост врз нив во Египетската Земја.

9. Но заради Моето Име - за да не се хули пред очите на народите меѓу кои што престојуваа и пред кои им бев јавил дека ќе ги изведам.

10. Ги изведов од Египетската Земја и ги одведов во пустината;

11. и им ги дадов своите заповеди и им ги објавив Своите закони, кои што секој треба да ги извршува за да живее;

12. им ги дадов и своите саботи, како знак меѓу Себе и нив, нека знаат дека Јас Сум Господ Кој ги осветува.

13. Но и во пустината Израелевиот дом се одметна од Мене: не одеа по Моите заповеди ги отфрлија Моите закони, кои што секој треба да ги исполнува за да живее; ги обесветуваа Моите саботи. И затоа одлучив во пустината да го излеам Мојот гнев врз нив за да ги сотрам.

14. Но ни тоа не го направив заради Своето Име, за да не се хули тоа пред народите пред чии очи ги изведов.

15. Но им се заколнав во пустината дека нема да ги воведам во земјата што им ја дадов, во земјата низ која течат мед и млеко, најубава од сите земји,

16. зашто ги отфрлија Моите закони, и не одеа по Моите заповеди, и ги обесветуваа моите саботи, а срцето им одеше по нивните идоли.

17. Моите очи сепак се сожалија за да не ги сотрам. И така не ги уништив во пустината.

18. Туку им реков на нивните синови во пустината: ‘Не одете по заповедите на вашите татковци, не ги пазете нивните закони и не се осквернувајте со нивните идоли!

19. Зашто Јас Сум Господ, ваш Бог! Одете по Моите заповеди пазете ги и исполнувајте ги Моите закони,

Прочитајте целосна глава Езекиел 20