Стар Завет

Нов Завет

Ездра 9:13-33 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

13. Слезе на Синајската Гора и им зборуваше од небото; и им даде праведни наредби, цврсти закони, прекрасни заповеди и уредби.

14. Ти им ја објави својата света сабота, им ги пропиша заповедите, наредбите и Законот преку гласот на Својот слуга Мојсеј.

15. Ги хранеше со леб од небото за време на нивната глад, вода извади од стената за нивната жед. Ти им заповеда да тргнат да ја заземат земјата за која се заколна дека ќе им ја дадеш.

16. Но тие и нашите татковци се заинатија, ги закоравија вратовите, и не ги слушаа твоите заповеди.

17. Ја одбија послушноста, ги заборавија чудесата, што ги направи за нив; ги окоравија вратовите, а во главата смислија да се вратат во ропство, во Египет. Но ти си Бог на проштавањето милостив и благ, спор на гнев, а велик во милосрдието; и не ги остави!

18. Па и направија леано теле, „Тоа е твојот бог - рекоа - кој те изведе од Египет!” и хулеа тешко,

19. а ти во бескрајно милосрдие не ги напушташе во пустината: облачниот столб не се криеше пред нив, дење ги водеше по патот, а пламениот столб ноќе светеше пред нив по патот по кој одеа.

20. Им го даде Својот добар Дух, за да ги научи на мудрост, не им ја скуси Својата мана на нивните усти, и при жед им даваше вода.

21. Ги крепеше четириесет години во пустината: ништо не им недостасуваше: ниту облеката им се кинеше, ниту нозете им отечуваа.

22. И им даде царства и народи и ги подели со граници: ја зазедоа земјата на Сион, есевонскиот цар, и земјата на Ог, васанскиот цар.

23. И ги намножи нивните синови како небесни ѕвезди, и ги доведе во земјата за која им рече на нивните татковци дека ќе влезат во неа и дека ќе ја заземат.

24. Синовите влегоа и ја покорија земјата, а Ти пред нив ги совлада жителите на земјата, Ханаанците, и ги предаде во нивните раце царевите и земните народи, за да прават со нив што им е волја;

25. Освоија тврди градови и плодна земја и наследија куќи полни со секакво добро, изделкани кладенци, лозја, маслинови градини и многу плодни дрва: јадеа, се ситеа и се дебелеа, и уживаа во твојата голема добрина.

26. Но се бунеа, и се одметнаа од Тебе и Твојот Закон го фрлија зад плеќи, ги убиваа пророците кои ги обраќаа за да се вратат кај Тебе, и хулеа многу.

27. Тогаш ги предаде во рацете на освојувачите, кои ги измачуваа. А во времето на својата мака извикуваа кон Тебе, а Ти ги послуша од небото, и во Својата голема добрина им испраќаше избавители, кои ги избавуваа од рацете на нивните мачители.

28. Но штом ќе се смиреа, пак правеа зло пред Тебе, а Ти ги пушташе во рацете на нивните непријатели, кои ги измачуваа. И пак извикуваа кон Тебе, и Ти ги послушуваше од небо: во Своето милосрдие ги избави многу пати.

29. Ти ги опоменуваше да се вратат кон Твојот Закон: но тие се бунтуваа и беа непокорни на Твоите наредби, а човекот живее кога ги одржува. Ги извлекуваа плеќите, ги окоравуваа вратовите, и не слушаа.

30. Многу години беше трпелив со нив, и ги опоменуваше со Својот Дух преку службата на своите пророци; но не слушаа. Тогаш ги предаде во рацете на другите народи.

31. Во Своето големо милосрдие Ти не ги уништи, ниту ги остави, зашто Ти си милостив Бог и полн со сожалување.

32. А сега, Боже наш, велик, силен и страшен Боже, кој ги чуваш Заветот и милоста, нека пред Твоето лице не биде незначителна сета оваа неволја, која нè најде нас, нашите цареви и кнезови, нашите свештеници и пророци, нашите татковци и сиот Твој народ од времето на асирските цареви па до денес.

33. Ти си праведен во сè што нè најде, зашто Ти покажа верност, а ние своето зло.

Прочитајте целосна глава Ездра 9