Стар Завет

Нов Завет

Естир 9:2-17 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

2. Евреите се собраа по своите градови во сите покраини на царот Ахасвер за да удрат на оние, кои ја бараа нивната пропаст. И никој не се осмели да им пружи отпор зашто сите народи ги опфати страв од Јудејците.

3. Сите кнезови на покраините и намесниците, управителите и царевите чиновници ги штитеа Евреите, зашто ги беше опфатил страв од Мардохеја.

4. Зашто Мардохеј стана голем во царскиот дворец, и по сите покраини се ширеше гласот дека Мардохеј станува сè посилен.

5. И така, Евреите удрија со меч по сите свои непријатели, ги исекоа и ги сотреа; со своите мразители постапија како што им се сакаше.

6. Само во тврдината Шуша, Евреите погубија и сотреа пет стотини луѓе;

7. ги погубија Фарсандат, Далфон, Аспат,

8. Порат, Адалиј, Аридат

9. Фармаст, Арисај, Аридај, Ваезат,

10. и десетте синови на Аман, синот Амедатин, гонител на Евреите. Но не се полакомија по имот.

11. Во истиот ден, откако научи за бројот на убиените во тврдината Шуша,

12. царот и рече на царицата Естира: „Во тврдината Шуша, Евреите погубија и уништија пет стотини луѓе и десет Аманови синови. Тогаш, што ли направиле во другите покраини на царството? Која е сега твојата молба? Ќе ти биде послушана! Која е твојата желба? Ќе ти биде исполнета!”

13. „Ако му е по волја на царот - рече Естира - нека им се дозволи на Евреите, кои живеат во Шуша, да го применат уште утре истиот закон како и денес, и нека бидат обесени десетте Аманови синови.”

14. Царот нареди да се направи така: законот беше прогласен во Шуша и беа обесени десетте Аманови синови.

15. Така Евреите на Шуша се собраа и во четиринаесеттиот ден на месецот адар погубија во Шуша уште три стотини луѓе. Но ни тогаш не ставија рака за грабеж.

16. Другите Евреи, оние кои живееја во царските покраини се собраа да ги бранат своите животи и мирот од непријателите: погубија седумдесет и пет илјади непријатели. Но ни тогаш не се полакомија по плен. Беше тринаесеттиот ден на месецот адар.

17. На четиринаесеттиот ден Евреите мируваа: тоа беше ден на гозба и веселба.

Прочитајте целосна глава Естир 9