Стар Завет

Нов Завет

Естир 9:12-22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

12. царот и рече на царицата Естира: „Во тврдината Шуша, Евреите погубија и уништија пет стотини луѓе и десет Аманови синови. Тогаш, што ли направиле во другите покраини на царството? Која е сега твојата молба? Ќе ти биде послушана! Која е твојата желба? Ќе ти биде исполнета!”

13. „Ако му е по волја на царот - рече Естира - нека им се дозволи на Евреите, кои живеат во Шуша, да го применат уште утре истиот закон како и денес, и нека бидат обесени десетте Аманови синови.”

14. Царот нареди да се направи така: законот беше прогласен во Шуша и беа обесени десетте Аманови синови.

15. Така Евреите на Шуша се собраа и во четиринаесеттиот ден на месецот адар погубија во Шуша уште три стотини луѓе. Но ни тогаш не ставија рака за грабеж.

16. Другите Евреи, оние кои живееја во царските покраини се собраа да ги бранат своите животи и мирот од непријателите: погубија седумдесет и пет илјади непријатели. Но ни тогаш не се полакомија по плен. Беше тринаесеттиот ден на месецот адар.

17. На четиринаесеттиот ден Евреите мируваа: тоа беше ден на гозба и веселба.

18. Евреите во Шуша, кои се собраа во тринаесеттиот и четиринаесеттиот ден, мируваа во петнаесеттиот ден; тоа беше ден на нивната веселба и гозба.

19. Затоа Евреите полјани, оние кои живеат во неутврдени села, празнично го прославуваат четиринаесеттиот ден на месецот адар, веселејќи се и гоштевајќи се, и разменувајќи дарови меѓу себе.

20. Мардохеј ги опиша тие настани и им испрати писма на Евреите во сите блиски и далечни покраини на царот Ахасвер.

21. Им наложи да ги прославуваат во секоја година четиринаесеттиот и петнаесеттиот ден на месецот адар.

22. како ден во кој Евреите постигнаа спокој од своите непријатели и како месец кој ја претвори нивната тага во радост, а нивното жалење во празник. Нека ги прославуваат со гозба и со веселба, разменувајќи дарови меѓу себе и делејќи им поклони на бедните.

Прочитајте целосна глава Естир 9