1. Во третиот ден, откако прекрати да пости ги соблече молитвенитеоблеки и се облече во царската облека, и застана во внатрешниот трем на царевата куќа, спроти царскиот дом; а царот седеше на својот царски престол во царскиот дом, спроти влезот на куќата.
2. И кога царот виде дека царицата Естира стои во дворот; таа најде благодат пред него и царот го испружи златниот жезол што го држеше во раката, кон Естира; а Естира се доближи и се допре до крајот на жезолот.
3. Царот рече: „Што тие тебе царице Естиро? Што сакаш? Ако е тоа и половина од царството, ќе ти биде!”
4. Естира одговори: „Царот ако му е мило, нека дојде со Амана на гозба што денес ја подготвив.”
5. Царот одговори: „Известете го веднаш Амана за да се исполни Естирината желба.” Царот дојде со Амана на гозбата што ја подготви Естира.
6. Додека пиеја вино, царот и рече на Естира: „Што и да побараш ќе добиеш. Што и да посакаш, ако е тоа и половина од царството ќе ти биде!”
7. Естира одговори: „Мојата молба и желба е,
8. ако најдов милост во царевите очи и ако му е угодно на царот да ми даде што молам и да направи што сакам, царот да дојде повторно со Амана на гозба што утре ќе ја подготвам за нив, и тогаш ќе постапам според царскиот збор.”
9. Во тој ден Аман излезе среќен и со задоволно срце, но се расрди многу на Мардохеја кога виде дека при царската врата не стана ниту се помрдна пред него.
10. Аман се совлада сепак. Отиде дома и испрати по своите пријатели и по својата жена Сереса.
11. Им раскажуваше за блесокот на своето богатство, за мноштвото свои синови и за сè она со што царот го возвеличи и со што го издигна над сите свои кнезови и службеници.
12. Аман уште додаде: „И царицата Естира не повика покрај царот никој друг, освен мене на гозбата што ја подготвила. И утре покрај царот само јас сум нејзин гостин.
13. Но сè тоа не може да ме направи среќен додека го гледам Евреинот Мардохеј како седи при царевата врата.”