Стар Завет

Нов Завет

Еремија 50:29-46 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

29. Повикајте ги против Вавилон стрелците, сите што оптегнуваат лакови, опкружете го од сите страни: никој да не избега! Платете му според заслугата, направете му како што правеше, зашто се гордееше против Господа, Израелевиот Светец.

30. Затоа сите младци ќе му испаѓаат по улиците и ќе му изгинат сите војници во оној ден - говори Господ.

31. Еве Ме против тебе, Горделивецу! - говори Господ над Воинствата - дојде твојот ден, времето на походот против тебе.

32. Горделивиот ќе се стресе, ќе падне, и никој не ќе го дигне. Ќе им потпалам оган на неговите градови и ќе голтнат сè наоколу.”

33. Господ над Војските зборува вака: „Угнетувани се Израелевите синови, заедно со Јудините синови. Оние што ги заробија, ги држат цврсто и нема да ги пуштат.

34. Но моќен е нивниот Искупител, Име Му е Господ над Воинствата. Тој ќе ја одбрани нивната парница - ќе и донесе мир на земјата и ќе ги смути жителите на Вавилон.

35. Меч против Халдејците - говори Господ против жителите на Вавилон, против кнезовите и неговите мудреци!

36. Меч против неговите брбливци, нека полудат! Меч против неговите воини, нека се исплашат!

37. Меч против неговите коњи и бојни коли и против сиот куп луѓе среде него: нека станат како жени! Меч против нивните ризници: нека ги ограбат!

38. Меч против нивните води, нека пресушат! Зашто тоа е земја на идоли, ги залудија киповите, нивните страшила.

39. Затоа таму ќе се настанат рисовите со хиените, и ноеви ќе живеат таму. Местото ќе остане без население довека, никој не ќе живее таму од колено до колено.

40. Ќе го разурнат како што Бог ги разори Содом и Гомор и нивните соседи - говори Господ. Човек не ќе живее таму, човечкиот син не ќе престојува во него.

41. Еве доаѓа народ од Север, голем народ, и многу цареви, и се подигаат од краиштата на земјата.

42. Во рацете им се лак и копје, жестоки се, немилостиви. Вревата им шуми како море, јаваат на коњи, како еден готови за бој против тебе, вавилонска ќерко.

43. Вавилонскиот цар чу вест за нив: и рацете му ослабнаа, го опфати мака, го фатија болки како родилка.

44. Ете, како лав тој излегува од јорданските шумки на вечно зелени пасишта. Ама Јас ќе го истерам за миг и ќе го сместам таму својот избраник. Зашто, кој Ми е Мене рамен? И кој ќе Ме повика Мене на сметка? И кој пастир ќе Ми одолее?”

45. Затоа, чујте што науми Господ да му направи на Вавилон, чујте што смислил против Халдејската Земја: Тој ќе ги одвлече и најситните јагниња; и самото нивно пасиште ќе се згрози над нив.

46. На гласот дека Вавилон падна земјата ќе се стресе: ќе се слуша пискот меѓу народите.

Прочитајте целосна глава Еремија 50