Стар Завет

Нов Завет

Еремија 50:27-38 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

27. Заколете ги сите негови јунци, нека слезат во кланицата! Тешко ним, дојде нивниот ден, времето на нивната казна!

28. Чуј го гласот на оние што избегаа, што пребегаа од Вавилонската Земја за да јават на Сион за одмаздата на Господа, нашиот Бог, одмаздата за Неговиот Храм!

29. Повикајте ги против Вавилон стрелците, сите што оптегнуваат лакови, опкружете го од сите страни: никој да не избега! Платете му според заслугата, направете му како што правеше, зашто се гордееше против Господа, Израелевиот Светец.

30. Затоа сите младци ќе му испаѓаат по улиците и ќе му изгинат сите војници во оној ден - говори Господ.

31. Еве Ме против тебе, Горделивецу! - говори Господ над Воинствата - дојде твојот ден, времето на походот против тебе.

32. Горделивиот ќе се стресе, ќе падне, и никој не ќе го дигне. Ќе им потпалам оган на неговите градови и ќе голтнат сè наоколу.”

33. Господ над Војските зборува вака: „Угнетувани се Израелевите синови, заедно со Јудините синови. Оние што ги заробија, ги држат цврсто и нема да ги пуштат.

34. Но моќен е нивниот Искупител, Име Му е Господ над Воинствата. Тој ќе ја одбрани нивната парница - ќе и донесе мир на земјата и ќе ги смути жителите на Вавилон.

35. Меч против Халдејците - говори Господ против жителите на Вавилон, против кнезовите и неговите мудреци!

36. Меч против неговите брбливци, нека полудат! Меч против неговите воини, нека се исплашат!

37. Меч против неговите коњи и бојни коли и против сиот куп луѓе среде него: нека станат како жени! Меч против нивните ризници: нека ги ограбат!

38. Меч против нивните води, нека пресушат! Зашто тоа е земја на идоли, ги залудија киповите, нивните страшила.

Прочитајте целосна глава Еремија 50