Стар Завет

Нов Завет

Еремија 50:19-35 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

19. И ќе го вратам Израел на неговото пасиште да пасе по Кармил, по Васан, по Ефремовите Ридови и по Галад, за да се насити.

20. Во оние денови, во она време - говори Господ - ќе го бараат Израелевиот грев, ама веќе не ќе го има; ќе ги бараат јудејските злодела, но не ќе ги најдат. Зашто им простив на сите што ги запазив.”

21. „Против Мератаимската Земја! Тргни против неа и против жителите на Фекод, сотри ги до основи, уништи сè зад нив - говори Господ, изврши сè како што ти заповедав!

22. Воена викотница се слуша во земјата, страшен пораз.

23. О, како е скршен, здробен, млатот на целата земја! Како Вавилон им стана страшило на народите!

24. Ти ставив стапица, Вавилону, ти се фати и не виде. Затекнат си и фатен, зашто завојува против Господа!

25. Господ ја отвори својата оружница, го извлече оружјето на Својот гнев, зашто има работа за Господа над Војските во Халдејската Земја.

26. Удрете врз неа од сите страни, отворете ги нејзините житници, слагајте ја како снопје, затрете го Вавилон со уништување, за да не остане ништо од него.

27. Заколете ги сите негови јунци, нека слезат во кланицата! Тешко ним, дојде нивниот ден, времето на нивната казна!

28. Чуј го гласот на оние што избегаа, што пребегаа од Вавилонската Земја за да јават на Сион за одмаздата на Господа, нашиот Бог, одмаздата за Неговиот Храм!

29. Повикајте ги против Вавилон стрелците, сите што оптегнуваат лакови, опкружете го од сите страни: никој да не избега! Платете му според заслугата, направете му како што правеше, зашто се гордееше против Господа, Израелевиот Светец.

30. Затоа сите младци ќе му испаѓаат по улиците и ќе му изгинат сите војници во оној ден - говори Господ.

31. Еве Ме против тебе, Горделивецу! - говори Господ над Воинствата - дојде твојот ден, времето на походот против тебе.

32. Горделивиот ќе се стресе, ќе падне, и никој не ќе го дигне. Ќе им потпалам оган на неговите градови и ќе голтнат сè наоколу.”

33. Господ над Војските зборува вака: „Угнетувани се Израелевите синови, заедно со Јудините синови. Оние што ги заробија, ги држат цврсто и нема да ги пуштат.

34. Но моќен е нивниот Искупител, Име Му е Господ над Воинствата. Тој ќе ја одбрани нивната парница - ќе и донесе мир на земјата и ќе ги смути жителите на Вавилон.

35. Меч против Халдејците - говори Господ против жителите на Вавилон, против кнезовите и неговите мудреци!

Прочитајте целосна глава Еремија 50