Стар Завет

Нов Завет

Еремија 50:1-10 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Слово што Господ го рече против Вавилон, против Халдејската Земја; преку пророкот Еремија:

2. „Објавете им на народите! Разгласете, не кријте, речете: ‘Вавилон е заземен! Вал е засрамен: Меродах е скршен! Засрамени се неговите кипови, здробени се неговите ликови.’

3. Зашто од север се дига против него народ што ќе му ја претвори земјата во пустина; никој веќе не ќе живее во неа, и луѓето и стоката ќе избегаат и ќе си отидат.

4. Во тие денови и во тоа време - говори Господ - ќе се вратат Израелевите синови, и Јудините синови заедно ќе одат плачејќи и барајќи Го Бога, својот Бог.

5. Ќе прашаат за патот кон Сион, натаму ќе го насочуваат погледот: ‘Дојдете, да се соединиме со Господа со вечен Завет незаборавлив!’

6. Мојот народ беше како изгубени овци, пастирите ги заведоа, та заскитаа по ридовите: одеа од горите на ритчињата, заборавија каде им се кошарите.

7. Кој ги наоѓа, ги голтнува, нивните непријатели зборуваа: ‘Ние не сме виновни, зашто Му згрешија на Господа, на пасиштето на правдата, на Господа, на надежта на своите татковци!’

8. Бегајте од Вавилон! Излезете од Халдејската Земја! Бидете како овни пред стадото.

9. Зашто, еве, ќе дигнам и ќе доведам против Вавилон мноштво големи народи; од Северната Земја ќе се наредат против него - оттаму ќе биде освоен. Стрелите им се како кај искусен јунак, празни не се враќаат.

10. Халдеја ќе биде ограбена, ќе ја пљачкаат неа до наситка - говори Господ.

Прочитајте целосна глава Еремија 50