Стар Завет

Нов Завет

Еремија 48:16-33 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

16. Наближува Моавовата пропаст, брза неговата гибел.

17. Жалете го, сите негови соседи, и сите кои што го знаете неговото име. Речете: ‘Како ли се скрши цврстата палка, величественото жезло!’

18. Слези од својата слава, седи во кал, жителке, девонска ќерко! Зашто запустувачот на Моав се нафрли врз тебе, ги разурна сите твои тврдини.

19. Застани на патот и набљудувај, о жителу на Ароир! Прашај ги бегалците и преживеаните, прашај ги: ‘Што се случи тоа?’

20. Моав се срами, зашто е скршен. Плачете, липајте! Известете во Арнон дека Моав е запустен.

21. Судот стигна над Висорамнината и над Олон, Јаса и Мифат,

22. над Девон, Нево, Вет Девлатаим,

23. Киријатаим, Вет Гамул, Вет Моен,

24. Кериот, Восор и над сите градови на Моавската Земја, далечните и блиските.

25. Рогот на Моав му е здробен, раката му е скршена.

26. Испијанете го, зашто сакаше да се возвиши над Господа: Моав нека се прпелка сега во својата блуваница, та и тој нека биде за потсмев.

27. Нели тебе Израел ти беше за потсмев? Дали можеби го најдоа во кражба, та мавташ со главата штом зборуваш со него?

28. „Оставете ги градовите, живејте во пештерите, жители на Моав! Бидете како гулаби што се гнездат врз стрмна карпа на работ на нејзината бездна!

29. Чувме за надуеноста на Моав, преголема надуеност, за неговата гордост, фалење, возвишување, за гордоста на неговото срце!

30. Го познавам Јас неговиот бес - говори Господ, лагата на неговите зборови!

31. Затоа треба да лелекам над Моав, да плачам над сите Моавци, да липам заради луѓето на Кир Ерес.

32. Повеќе отколку над Јазир, ќе плачам за тебе, о сивамска лозо, чии подници се протегаа преку море, стигаа сè до Јазир. Врз твоите берби и жетви сега падна запустувачот.

33. Исчезнаа радоста и веселбата, од овоштарниците и од Моавската Земја. Снема вино во бочвите, газачите веќе не го газат грозјето, веселите звуци веќе не се весели.

Прочитајте целосна глава Еремија 48