16. „Зборовите што ни ги објави во Господово Име ние не ги слушаме;
17. спротивно, и натаму ќе го пазиме словото излезено од нашите усти: ќе и кадиме на небеската царица и ќе лееме налевници, како што и ние и нашите татковци, нашите цареви и нашите кнезови правеа во јудејските градови и по ерусалимските улици: тогаш имавме леб во изобилство, бевме среќни, и не трпевме никаква несреќа.
18. Но откако прекративме да и кадиме на небеската царица и да и лееме налевници, бевме скудни во сè, и гиневме од меч и од глад.”
19. А жените рекоа: „Кога и кадиме на небеската царица и и лееме налевници, зар без знаење на своите мажи печеме колачиња во облик на нејзиниот лик и лееме налевници?”
20. Тогаш Еремија на сиот народ, на мажите и жените, и на сите луѓе што му зборуваа така, им рече:
21. „Не си ли спомна Господ и не Го ѓибна ли во срцето темјанот што го палевте по јудејските градови и по ерусалимските улици, вие и вашите татковци, вашите цареви, кнезови и земниот полк?
22. Господ не можеше веќе да ги поднесува вашите злодела и гнасостите што ги направивте, и затоа вашата земја се претвори во пустина и урнатини, во проклетство, без жители, како што е и денес.
23. Заради тоа што, принесувајќи темјан, Му згрешивте на Господа, зашто не го слушавте Господовиот глас и не ги пазевте Господовиот Закон и неговите наредби и сведоштва, ве најде оваа несреќа, каква што е денес.”
24. Потоа Еремија му рече на сиот народ, особено на жените: „Чујте го Господовото слово, сите Јудејци што сте во Египетската Земја:
25. Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: ‘Вие, и вашите жени, тоа што го зборувале вашите усти, тоа вашите раце и го правеле. Рековте: „Ќе ги исполниме нашите ветувања што ги ветивме: ќе и кадиме на небеската царица и ќе и лееме налевници.” Пазете ги само своите завети и лејте и налевници!’
26. Но затоа чујте го Господовото слово, сите вие Јудејци населени во Египетската Земја: ‘Еве, се заколнувам во Своето големо Име, зборува Господ. Во целата Египетска Земја ниту една јудејска уста не ќе го изговори веќе Моето Име: никој не ќе рече: „Живиот ми Господ!”
27. Еве, бдеам над нив, за несреќа, а не за нивно добро: сите луѓе што се во Египетската Земја ќе загинат од меч и од глад до потполно истребување.
28. И ќе бидат малку тие кои ќе му побегнат на мечот и ќе се вратат од Египетската Земја во Јудејската Земја. Тогаш сиот јудејски Остаток, сите кои што дојдоа во Египетската Земја за да живеат таму, ќе научат чиј збор е повреден, Мојот или нивниот.
29. А ова нека ви биде знак - говори Господ - дека ќе ве казнам на ова место, за да знаете дека, вам за погибел, ќе се исполнат Моите закани пред вас.’
30. Вака зборува Господ: ‘Ете, ќе го предадам фараонот Вафриј, египетскиот цар, во рацете на неговите непријатели и во рацете на оние што му работат спроти главата, токму како што го предадов Седекија, јудејскиот цар, во рацете на Навуходоносор, вавилонскиот цар, неговиот непријател кој му работеше спроти главата.’”