поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28
  29. 29
  30. 30
  31. 31
  32. 32
  33. 33
  34. 34
  35. 35
  36. 36
  37. 37
  38. 38
  39. 39
  40. 40
  41. 41
  42. 42
  43. 43
  44. 44
  45. 45
  46. 46
  47. 47
  48. 48
  49. 49
  50. 50
  51. 51
  52. 52

Стар Завет

Нов Завет

Еремија 40 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Ова е словото што Господ му го упати на Еремија, откако Невузардан, заповедникот на телесната стража, го пушти од Рама. Го оддвои кога веќе, окован во вериги, беше меѓу сите ерусалимски и јудејски заточеници, што ги водеа во Вавилон.

2. И така, откако го оддвои, заповедникот на телесната стража му рече: „Господ, твојот Бог, му се закани со несреќа на ова место.

3. Изврши и направи како што се закани, зашто грешевте против Господа и не го слушавте Неговиот глас. Затоа и ве најде ова зло.

4. Еве, сега ги одврзувам оковите од твоите раце. Ако ти е по волја да дојдеш со мене во Вавилон, тргни со мене, и моето око ќе бдее над тебе. Ако не ти е по волја да дојдеш со мене во Вавилон, ти остани. Еве, целата земја е пред тебе: можеш да одиш каде што ти сака окото, каде што ќе ти биде добро.

5. И така, ако сакаш да останеш, можеш да појдеш кај Годолиј, синот Ахикамов, синот Сафанов, кого што вавилонскиот цар го постави над јудејските градови, и остани кај него среде народот, или пак можеш да одиш каде што ти е мило.” Потоа заповедникот на телесната стража му даде храна и подарок кон тоа и го отпушти.

6. Тогаш Еремија се запати во Миспа, кај Годолиј, синот Ахикамов, та остана кај него среде народот што остана во земјата.

7. Сите воени заповедници, и нивните луѓе наоколу, научија дека вавилонскиот цар и го постави на земјата за намесник Ахикамовиот син Годолиј та му ги доверил мажите, жените и децата и сиромасите, кои уште не беа одведени во вавилонско заточение.

8. И дојдоа пред Годолиј во Миспа: Нетаниовиот син Исмаило, Кариовиот син Јоанан; Тануметовиот син Серај, потоа синовите на Офиј Нетофаканецот, Махатиовиот син Езаниј, тие и нивните луѓе.

9. Годолиј, син на Сафановиот син Ахикам, им се заколна ним и на нивните луѓе и рече: „Не бојте се да им служите на Халдејците, останете во земјата, бидете му верни на вавилонскиот цар, и ќе ви биде добро.

10. А јас, ете, ќе останам во Миспа во служба на Халдејците кои што доаѓаат кај нас. Вие пак соберете го грозјето, соберете ги овошките и маслинките, ставете ги во садови и останете во градовите што сте ги зазеле.”

11. И сите Јудејци што се најдоа во Моав, кај Амоновите синови, и во Едом, по сите земји, научија дека вавилонскиот цар остави остаток во Јудеја и дека го поставил над нив Годолиј, син на Сафановиот син Ахикам.

12. И тогаш сите Јудејци се вратија од сите места каде што ги беа распрснале, се вратија во Јудејската Земја кај Годолиј во Миспа, па набраа мошне многу грозје и други овошки.

13. А Јоанан, синот Кариов, и сите воени заповедници отидоа кај Годолиј во Миспа,

14. па му рекоа: „А знаеш ли дека амонскиот цар Валис го испрати Исмаило, синот Нетаниин, за да те убие?” Но Годолиј, синот Ахикамов, не им поверува.

15. Тогаш Јоанан, синот Кариов, му рече потајно на Годолиј, во Миспа: „Одам да го убијам Исмаило, синот Нетаниин, така што никој нема да научи. Зошто тој да те убие тебе, и пак да се распрснат сите Јудејци, кои се собраа околу тебе? И зошто да пропадне остатокот на Јудејците?”

16. Но Годолиј, синот Ахикамов, му одговори на Јоанана, синот Кариов: „Немој да го правиш тоа! Зашто е лага што го зборуваш за Исмаило.”