Стар Завет

Нов Завет

Еремија 4:15-31 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

15. Зашто гласот навестува од Дан, од Ефремовата Гора најавува несреќа.

16. „Опоменете, разгласете по Јудеја, соопштете му на Ерусалим: непријателите доаѓаат од далечна земја и извикуваат извици против јудејските градови;

17. како полјаците го опкружуваат Ерусалим, зашто се одметнаа од Мене - говори Господ.

18. Твојот пат и твоите дела ти го направија тоа. Тоа е твојата несреќа! Како е горчлива, како ли удира во срцето!”

19. Моја утробо! Моја утробо, боледувам, срцето ми се раскинува! Душата ми трепери! Не можам да молчам, зашто го слушам гласот на рогот, бојните извици.

20. Соопштуваат гибел врз гибел, сета земја е ограбена, моите шатори се запустени одненадеж, во миг на окото сите мои засолништа се уништени.

21. До кога ќе ги гледам бојните знакови, ќе ги слушам повиците на роговите?

22. „Да, Мојот народ е безумен, не Ме познава, тие се неразумни деца, не сфаќаат ништо, мудри се за зли дела, но да прават добро не умеат.”

23. Ја гледам земјата: пуста е, еве, и празна, небесата: светлината им исчезна.

24. Ги гледам горите: ете, се тресат, а сите ридови се растресени.

25. Гледам: еве нема човек, сите небесни птици одлетале.

26. Гледам: еве, плодното поле запусте, Господ ги разурна сите градови со жестокоста на Својот гнев.

27. Да, Господ зборува вака: „Сета земја ќе биде запустена, Јас ќе и го зададам последниот удар.

28. На тоа, земјата ќе се завитка во црно, а небесата, горе, ќе потемнат. Јас реков, и не ќе се раскајам, одлучив и не ќе се откажам.

29. Пред извикот: ‘Коњаници и стрелци!’ сета земја почна да бега: бегаат во грмушките, се искачуваат на ридовите: сите градови се напуштени, веќе никаде жива душа.

30. А ти, запустена, што ќе направиш? Ако се облечеш и во црвено сукно, ако се украсиш со златен накит и ако очите ги оцветиш, напразно се разубавуваш! Твоите љубовници те презираат тебе: ја бараат твојата глава.

31. Да, слушам плач како во болна, врескање како кај онаа што раѓа за првпат. Чуј, тоа Сионската ќерка липа и ја протега раката: ‘Тешко ми! Душата ми замрува под ударите на убијците!’

Прочитајте целосна глава Еремија 4