Стар Завет

Нов Завет

Еремија 39:8-18 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

8. Халдејците ги запалија царскиот дворец и куќите на народот и ги разурнаа ерусалимските ѕидови.

9. Остатокот од населението што остана во градот, бегалците што му се предадоа и сиот друг народ ги отера во ропство во Вавилон - Невузардан, заповедникот на телесната стража.

10. А од бедниот народ што немаше ништо, Невузардан, заповедникот на телохранителите, остави некои во Јудејската Земја и им раздели лозја и ниви.

11. За Еремија Навуходоносор, вавилонскиот цар, му заповеда на Невузардан, на заповедникот на телесната стража:

12. „Земи го, и твоето око нека бдее над него. Не прави му никакво зло, туку постапувај со него како што тој ќе посака.”

13. Тогаш Невузардан, заповедникот на телесната стража, Невусазван, висок достоинственик, Нергал Сар-Есер, врховен заповедник, и сите војсководачи на вавилонскиот цар,

14. испратија луѓе за да го изведат Еремија од темничкиот двор, и му го предадоа на Годолиј, син Ахикамов, син Сафанов, за да го одведат дома. И така тој остана меѓу народот.

15. Додека Еремија беше затворен во темничкиот двор, му дојде Господово слово:

16. „Отиди и речи му на Етиопецот Авде-Мелех: ‘Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: „Еве, ќе направам да се исполнат Моите зборови против овој град, за несреќа, не за негово спасение. И кога во оној ден пред твоите очи се обистинат,

17. Јас ќе те спасам во оној ден - говори Господ - и не ќе бидеш предаден во рацете на луѓето пред кои што трепериш,

18. зашто Јас ќе те спасам навистина, па нема да загинеш од меч, туку ќе го добиеш животот како корист, зашто се надеваше во Мене - говори Господ.’”

Прочитајте целосна глава Еремија 39