Стар Завет

Нов Завет

Еремија 38:12-28 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

12. Кушитот Авде-Мелех му рече на Еремија: „Сложи ги износените и искинатите облеки под пазувата и под јажињата.” Еремија направи така.

13. Тогаш со јажињата го извлекоа Еремија од јамата. Оттогаш Еремија остана во темничкиот двор.

14. Царот Седекија испрати по пророкот Еремија, та го повика да дојде кај него на третиот влез што води во Господовиот Дом. Царот му рече на Еремија: „Сакам да те прашам нешто, немој ништо да ми затаиш!”

15. Еремија му одговори на Седекија: „Ако ти кажам, нема ли да ме погубиш? Ако пак те посоветувам, не ќе ме послушаш!”

16. Тогаш царот Седекија му се заколна во тајност на Еремија со овие зборови: „Живиот ми Господ, Кој ни го даде овој живот, не ќе те погубам и не ќе те предадам на оние што ти работат спроти главата.”

17. И така, Еремија му рече на Седекија: „Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: ‘Ако излезеш пред војсководачите на вавилонскиот цар, ќе ја спасиш главата, и овој град нема да биде уништен со оган; ќе живеете ти и твојот дом.

18. Ако пак не излезеш пред војсковотците на вавилонскиот цар, овој град ќе падне во рацете на Халдејците, и тие ќе го спалат, а ти не ќе се спасиш од нивните раце.’”

19. А царот Седекија му одговори на Еремија: „Се плашам од Јудејците кои пребегаа кај Халдејците: би можеле да ме предадат и мене во нивните раце за да ми се потсмеваат.”

20. Еремија одврати: „Тие нема да го направат тоа. Послушај го Господовиот глас, според кој ти зборував, ќе ти биде добро и ќе го спасиш својот живот.

21. Ама ако не сакаш да излезеш од градот, еве го словото што Господ ми го објави:

22. ‘Ете, сите жени кои уште останаа во дворецот на јудејскиот цар ќе бидат одведени кај војсковотците на вавилонскиот цар и ќе зборуваат: „Те заведоа, Те совладаа, твоите верни пријатели! Кога нозете ти пропаѓаат во кал, тие те напуштаат!”

23. Да, сите твои жени и твои деца ќе ги одведат кај Халдејците, а ни ти самиот нема да им избегаш на нивните раце: ќе допаднеш во рацете на вавилонскиот цар, а овој град ќе биде изгорен.’”

24. Седекиј му рече на Еремија: „Никој жив не смее да научи нешто за тоа, инаку ќе умреш.

25. И така, ако кнезовите научат дека разговарав со тебе, па дојдат кај тебе и речат: ‘Та јави ни што ти кажа царот тебе, а ти нему; не криј ништо пред нас, инаку ќе те убиеме,’

26. одговори им: ‘Го молев царот да не ме враќа веќе во Јонатановата куќа, за да не умрам таму!’”

27. И навистина, кнезовите дојдоа кај Еремија, па го испитуваа. Ама тој им одговори токму онака како што му беше наредил царот. Тогаш го оставија, зашто ништо не се расчу за оној разговор.

28. И така, Еремија го оставија во темничкиот трем сè до денот кога непријателот го зазеде Ерусалим. Кога го зазедоа Ерусалим, тој беше таму.

Прочитајте целосна глава Еремија 38