Стар Завет

Нов Завет

Еремија 34:11-22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

11. А потоа се завртија и ги зедоа пак своите робови и робинки, што ги беа ослободиле, па ги присилија пак да им робуваат.

12. Тогаш Господ му упати слово на Еремија, зборувајќи:

13. „Вака зборува Господ, Израелевиот Бог: ‘Јас склучив Завет со вашите татковци во денот кога ги изведов од Египет, од земјата на ропството, говорејќи:

14. „По седум години секој од вас нека го пушти на слобода својот брат Евреин, кој што му се продал и му служел шест години како роб.” Ама вашите татковци не Ме послушаа и не сакаа да Ме чујат.

15. А вие се обративте и направивте што е право во Моите очи, прогласувајќи ја слободата за секој свој ближен, и пред Мене склучивте сојуз во Домот што се вика со Моето Име.

16. А потоа се завртивте и го обесветивте Моето Име, зашто секој од вас пак го зеде својот роб и робинката, што веќе ги бевте ослободиле, и повторно ги присиливте да ви робуваат.’

17. Затоа вака зборува Господ: ‘Вие не Ме послушавте за да му прогласите слобода на својот собрат и на ближниот. И затоа, еве, Јас им прогласувам против вас слобода - говори Господ - на мечот, на поморот и на гладот, и ќе ве направам страшило за сите царства на земјата.

18. А со луѓето што го раскинаа Мојот Завет и не го исполнија Заветот ветен пред Моето лице, ќе постапам како со телето што го пресеков надве та поминаа меѓу тие две половини.

19. Кнезовите на Јудеја и на Ерусалим, дворјаните, свештениците и сиот народ на земјата што поминаа меѓу половините на телето

20. ќе ги предадам во рацете на непријателите што им работат спроти главата, а нивните трупови ќе им бидат храна на небесните птици и на земните ѕверови.

21. Седекија, јудејскиот цар, и неговите кнезови ќе ги предадам во рацете на непријателите што им работат спроти главата, и во рацете на војската на вавилонскиот цар, што се повлече од вас.

22. Еве, Јас ќе им заповедам - говори Господ - и ќе ги вратам против овој град, и ќе нападнат на него, ќе го освојат и ќе го изгорат со оган. А јудејските градови ќе ги претворам во ненаселена пустина.’”

Прочитајте целосна глава Еремија 34