Стар Завет

Нов Завет

Еремија 32:3-21 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

3. Седекија јудејскиот цар, го беше затворил таму, приговорувајќи му: „Зошто пророкуваше: ‘Господ зборува вака! „Ете, ќе го предадам овој град во рацете на вавилонскиот цар за да го освои;

4. а Седекија, јудејскиот цар, не ќе и избега на халдејската сила, туку ќе биде предаден во рацете на вавилонскиот цар - ќе разговара со него уста во уста, ќе го види очи во очи.

5. Ќе го одведе Седекија во Вавилон и таму ќе остане додека не го посетам - говори Господ! И ако се борите против Халдејците, нема да успеете!”‘“

6. Тогаш Еремија рече: „Ми дојде Господово слово:

7. ‘Скоро ќе дојде кај тебе Анамеил, синот на твојот стрико Салум, за да ти каже: „Купи ја мојата нива во Анатот; ти имаш роднинско право за да ја купиш!”‘

8. Како што навести Господ, кај мене дојде синот на мојот стрико Анамеил во темничкиот двор и ми рече: ‘Де, купи ја мојата нива во Анатот, зашто ти имаш право на сопственост и роднинско право за да ја купиш! Купи ја!’ И така научив дека тоа беше Господов збор.

9. И така, ја купив таа нива од синот на мојот стрико Анамеил од Анатот та му измерив во платежно средство седумдесет сикли сребро.

10. Напишав договор, удрив печат, повикав сведоци и го измерив среброто на мерилката.

11. Потоа го зедов купувачкиот договор, запечатен според прописот, според уредбите,

12. му го предадов купувачкиот договор на Варух, синот Масиев син Нирин. Присутни беа: мојот братучед од стрико Анамеил, сведоците што го потпишаа купопродажниот договор и сите Јудејци, кои се најдоа во темничкиот двор.

13. Тогаш пред нив му заповедав на Варух:

14. ‘Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог!”Земи ги овие исправи, купувачкиот договор, запечатениот и отворениот, и стави ги во глинен сад, за да се запазат долго.”

15. Зашто вака говори Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: „Уште ќе се купуваат во оваа земја и куќи и ниви и лозја!”‘

16. Откако му го предадов купувачкиот договор на Нириниот син Варух, Му се помолив на Господа:

17. ‘О, Господи, Господи! Ти ги создаде небото и земјата со голема сила, со подигната рака! Тебе ништо не Ти е невозможно!

18. На илјадници им искажуваш милост, а вината на татковците ја одмаздуваш врз децата, врз нивните потомци. Велик и силен Боже, Кому Името е Господ над Војските!

19. Велик си во Своите замисли, силен во Своите дела! Твоите очи бдеат над сите човечки патишта, за да му платиш секому според неговиот пат и според плодот на неговите дела!

20. Ти Кој што правеше знаци и чудеса во Египетската Земја и во Израел, и меѓу сите луѓе сè до денес.

21. Ти го изведе Својот народ Израелски од Египетската Земја со знаци и чудеса, со силна рака и со подигната мишка, со големи стравотии.

Прочитајте целосна глава Еремија 32