Стар Завет

Нов Завет

Еремија 32:26-41 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

26. Тогаш ми дојде Господово слово:

27. „Ете, Јас Сум Господ, Бог на секое тело! Мене ништо не Ми е невозможно!”

28. Затоа - говори Господ - го предавам овој град во рацете на Халдејците и во рацете на вавилонскиот цар, кој ќе го заземе.

29. Во него ќе влезат Халдејците, кои се борат против овој град, ќе го уништат со оган и ќе го изгорат заедно со куќите, на чии покриви му палеа темјан на Ваала и им лееја налевници на туѓите богови, разгневувајќи Ме Мене.

30. Зашто Израелевите синови и Јудините синови од младост прават само зло пред Моите очи. Навистина, Израелевите синови без прекратување Ме гневат со делата на своите раце - говори Господ.

31. Навистина, овој град само Ми е за гнев и расрденост откако е изграден па до денешниот ден, та треба да го отстранам од пред Своето лице

32. заради сето беззаконие што го направија Израелевите синови и Јудините синови, разгневувајќи Ме - тие и нивните цареви, кнезови и свештеници и пророци, Јудејците и Ерусалимците.

33. Ми ги свртија плеќите, а не своето лице, иако се трудев неуморно да ги поучам, ама не Ме слушаа ниту ја примија Мојата наука.

34. Поставија грозотии во Домот, што е наречен со Моето Име, за да го обесветат.

35. Му подигнаа високи места на Ваала во Долината Бен Еном, и своите синови и ќерки му ги поминуваа низ оган на Молоха - што Јас никогаш не им заповедав; ни на ум не Ми падна да прават такви гадости, ниту би го пуштил Јуда во таков грев.

36. Сепак, вака зборува Господ, Израелевиот Бог, за тој град за кого што вие велите дека ќе падне од меч, од глад и од помор, во рацете на вавилонскиот цар:

37. ‘Еве, Јас ќе ги соберам од сите земји во кои ги протерав - во Својот гнев и јарост - и ќе ги вратам на ова место за да живеат тука спокојно.

38. И тие ќе бидат Мој народ, а Јас ќе бидам нивни Бог.

39. И ќе им дадам едно срце и еден пат, за да се бојат од Мене во сите дни, за своја среќа и за среќата на своите деца.

40. И ќе склучам со нив вечен Завет, никогаш веќе не ќе се одвратам од нив и секогаш ќе им правам добро; ќе им го посадам во срцето Својот страв, за да не се одметнат никогаш веќе од Мене.

41. И ќе се радувам правејќи им добро; и цврсто ќе ги засадам во оваа земја, со сето Свое срце и со сета Своја душа.’

Прочитајте целосна глава Еремија 32