Стар Завет

Нов Завет

Еремија 32:12-24 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

12. му го предадов купувачкиот договор на Варух, синот Масиев син Нирин. Присутни беа: мојот братучед од стрико Анамеил, сведоците што го потпишаа купопродажниот договор и сите Јудејци, кои се најдоа во темничкиот двор.

13. Тогаш пред нив му заповедав на Варух:

14. ‘Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог!”Земи ги овие исправи, купувачкиот договор, запечатениот и отворениот, и стави ги во глинен сад, за да се запазат долго.”

15. Зашто вака говори Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: „Уште ќе се купуваат во оваа земја и куќи и ниви и лозја!”‘

16. Откако му го предадов купувачкиот договор на Нириниот син Варух, Му се помолив на Господа:

17. ‘О, Господи, Господи! Ти ги создаде небото и земјата со голема сила, со подигната рака! Тебе ништо не Ти е невозможно!

18. На илјадници им искажуваш милост, а вината на татковците ја одмаздуваш врз децата, врз нивните потомци. Велик и силен Боже, Кому Името е Господ над Војските!

19. Велик си во Своите замисли, силен во Своите дела! Твоите очи бдеат над сите човечки патишта, за да му платиш секому според неговиот пат и според плодот на неговите дела!

20. Ти Кој што правеше знаци и чудеса во Египетската Земја и во Израел, и меѓу сите луѓе сè до денес.

21. Ти го изведе Својот народ Израелски од Египетската Земја со знаци и чудеса, со силна рака и со подигната мишка, со големи стравотии.

22. Потоа им ја даде сета оваа земја што со заклетва им ја вети на нивните татковци, земја во која течат мед и млеко.

23. И тие ја зазедоа; ама не го слушаа Твојот глас, ниту одеа по патот на Твојот Закон. Не направија ништо од она што им заповеда Ти; затоа ги повика врз нив сите овие неволји.

24. Ете, насипите му се приближија веќе на градот, и ќе биде освоен, и градот ќе падне во рацете на Халдејците кои се нафрлаат врз него со меч, глад и помор. Со што се закануваше, еве доаѓа. И Самиот гледаш.

Прочитајте целосна глава Еремија 32