Стар Завет

Нов Завет

Еремија 30:6-18 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

6. Ајде, распрашајте се и погледајте: дали некогаш родил маж? А сите мажи се фаќаат за бедрата како родилки! Зошто се сите лица изобличени и побледени?

7. Леле, зашто е голем овој ден, сличен нему не бил! Време на неволја е за Јакова, но ќе се избави од неа.

8. Во оној ден - говори Господ над Воинствата - ќе го скршам јаремот на нивниот врат и ќе ги скинам нивните вериги. Веќе не ќе му служат на туѓинец,

9. туку ќе Му служат на Господа, својот Бог, и на Давида, својот цар, кого ќе им го подигнам.

10. Не бој се, Јакове, слуго Мој - зборува Господ, не плаши се, Израелу! Зашто еве, ќе те спасам од далеку, и твоето потомство од земјата на заточението. Јаков ќе се смири пак, ќе живее спокојно, и никој не ќе го плаши - зборува Господ,

11. зашто Јас Сум со тебе - говори Господ - за да те избавам. Ќе ги сотрам народите меѓу кои што те протерав, а тебе нема да те уништам сосем; но ќе те казнам по правда, не смеам да те пуштам неказнет.’

12. Зашто, Господ зборува вака: ‘Твојата рана е неисцелива, твојата болка - непреболена.

13. Нема лек за твојата рана, и никако да зарасти.

14. Сите љубовници те заборавија, веќе и не прашуваат за тебе! Зашто Јас удрив на тебе, како што удира непријателот, со жестока казна за беззаконие и за многуте твои гревови.

15. Зошто лелекаш заради својата рана? Зар е неизлечива твојата болка? Заради мноштвото беззаконија и заради многуте твои гревови ти го сторив тоа.

16. Но и тие што те јадат ќе бидат изедени, сите твои непријатели ќе отидат во ропство; твоите ограбувачи ќе бидат ограбени, и кои што те пљачкосуваа ќе бидат пљачкосани.

17. Но Јас ќе те исцелам, ќе ти ги залечам раните - зборува Господ. Те викаа „Истераната” и „Сионка, за која никој не прашува.”‘

18. Господ зборува вака: ‘Еве, ќе ја изменам судбината на Јакововите шатори, ќе им се смилам на неговите шатори: врз неговите урнатини пак ќе биде соѕидан град, и дворците ќе стојат на старото место.

Прочитајте целосна глава Еремија 30