поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28
  29. 29
  30. 30
  31. 31
  32. 32
  33. 33
  34. 34
  35. 35
  36. 36
  37. 37
  38. 38
  39. 39
  40. 40
  41. 41
  42. 42
  43. 43
  44. 44
  45. 45
  46. 46
  47. 47
  48. 48
  49. 49
  50. 50
  51. 51
  52. 52

Стар Завет

Нов Завет

Еремија 29 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Еве, овие се зборовите во посланието што пророкот Еремија му го испрати од Ерусалим на Остатокот на заточението - на старешините, на свештениците и на пророците и на сиот народ, кого што Навуходоносор го одведе од Ерусалим во Вавилон,

2. откако царот Јехониј и царицата-мајка, дворјаните, јудејските и ерусалимските првенци, ковачите и браварите, го оставија Ерусалим.

3. Писмото беше испратено по Еласа, синот Сафанов, и по Гемариј, синот Хелкиин, кои што Седекиј, јудејскиот цар, ги испрати во Вавилон при Навуходоносор, вавилонскиот цар. Еве ја содржината:

4. „Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: ‘До сите заточеници, кои ги одведов од Ерусалим во Вавилон!

5. Градете куќи и населете се, садете градини и уживајте го нивниот род!

6. Женете се и раѓајте синови и ќерки, за да раѓаат и тие синови и ќерки! Множете се за да не се намалите!

7. Барајте мир во земјата во која ве заточив, молете Му се на Господа за неа, зашто врз нејзиниот мир почива и вашиот мир!’

8. Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: ‘Не оставајте да ве измамуваат вашите пророци, кои се меѓу вас, вашите гатачи! Не поведувајте се по соништата што тие ги сонуваат!

9. Зашто тие пророкуваат лажно во Мое Име, а Јас не ги испратив’ - зборува Господ.

10. Зашто Господ зборува вака: ‘Токму кога на Вавилон ќе му се исполнат оние седумдесет години, Јас ќе ве посетам та ќе ви го исполнам доброто ветување за да ве вратам на ова место.

11. Зашто Јас ги знам Своите замисли за тоа што имам намера со вас - зборува Господ - замисли за мир, а не за несреќа: да ви дадам иднина и надеж.

12. Тогаш ќе Ме повикувате, ќе доаѓате кај Мене, ќе Ми се молите, и Јас ќе ве слушам.

13. Ќе Ме барате и ќе Ме најдете, зашто ќе Ме барате со сето свое срце.

14. И ќе оставам да Ме најдете - зборува Господ, ќе ја изменам вашата судбина и ќе ве соберам од сите места каде што ве истерав, зборува Господ. И ќе ве вратам во местото откаде ве одведов на заточение.

15. Навистина, вие велите: „Господ ни подигна пророци во Вавилон.”

16. Вака му зборува Господ на царот кој седи на Давидовиот престол, и на сиот народ што живее во овој град - на вашите браќа што не дојдоа со вас на заточение.

17. Вака зборува Господ над Војските: ‘Еве испраќам врз нив меч, глад и помор; ќе направам да бидат како расипани смокви, толку лоши што да не се за јадење.

18. И ќе ги гонам со меч, глад и помор, и ќе ги направам за ужас на сите земни царства, проклетство, страв, потсмев и срам за сите народи каде што ќе ги изгонам.

19. Зашто не ги послушаа Моите зборови - зборува Господ - иако им ги праќав постојано Своите слуги пророците, но тие не ги послушаа - говори Господ.

20. Но вие, заточениците, што ги испратив од Ерусалим во Вавилон, послушајте го сите Господовото слово!’

21. Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог, за Ахав, синот Колаин, и за Седекија, синот Масиин, кои ви пророкуваат лага во Мое Име: ‘Еве, ги предавам во рацете на Навуходоносор, вавилонскиот цар, за да ги погуби пред вашите очи.

22. И со нив како со клетва ќе се проколнуваат сите заточеници кои се во Вавилон: „Господ нека направи со тебе како со Седекија и Ахав, кои што вавилонскиот цар ги испече на оган,”

23. зашто направија срам во Израел, правејќи прељуба со жените на своите ближни и зборувајќи лажни зборови во Мое Име, што Јас не им ги заповедав. Јас го знам тоа, и сведок Сум за тоа’ - зборува Господ.

24. А на Неламецот Семај ќе му порачаш:

25. Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: ‘Ти во свое име му испрати писма на сиот народ што е во Ерусалим, и на свештеникот Софониј, синот Масиин, и на сите други свештеници:

26. „Господ те постави свештеник на местото на свештеникот Јодај за да бидеш надгледник, во Господовиот Дом, за секој безумник кој се прави пророк да го фрлиш во клади, со железо околу вратот.

27. И така, зошто не го спречи Еремија од Анатот, кој се прави меѓу вас пророк?

28. Та тој ни испрати порака во Вавилон: ‘Долго ќе трае: Градете куќи и населете се! Садете градини и уживајте го нивниот плод!’”

29. Свештеникот Софониј му го прочита писмото на пророкот Еремија.

30. Тогаш му дојде на Еремија Господово слово:

31. „Испрати им ја на сите заточеници оваа вест: ‘Вака зборува Господ за Неламецот Семај: „Зашто Семај ви пророкува та ви буди измамливи надежи, иако Јас не го испратив,”

32. Господ зборува вака: „Ќе ги казнам Неламецот Семај, него и неговото потомство: никој не ќе му остане среде овој народ за да ја доживее среќата што ја подготвувам за Својот народ - зборува Господ - зашто проповедуваше буна против Господа.”‘“