10. Откако го чуја тоа, јудејските старешини дојдоа од царскиот дворец во Господовиот Дом, и седнаа пред Новата Врата на Господовиот Дом.
11. Тогаш свештениците и пророците им рекоа на старешините и на сиот народ: „Овој човек заслужува смрт, зашто пророкуваше против овој град, како што чувте со своите уши.”
12. Тогаш Еремија им рече на старешините и на сиот народ: „Господ ме испрати да пророкувам против овој Дом и овој град сè она што чувте.
13. Поправете ги, и така, своите патишта и дела, и слушајте го гласот на Господа, својот Бог: и ќе се покае за злото со кое што ви се закани.
14. Еве, јас сум во вашите раце. Направете со мене што ви се чини добро и право.
15. Но знајте добро: ако ме погубите, невина крв ќе возложите на себеси, врз овој град и врз неговите жители. Зашто, навистина, Господ ме испрати кај вас за да ги зборувам овие зборови во вашите уши.”
16. Тогаш старешините и сиот народ им рекоа на свештениците и пророците: „Овој човек воопшто не заслужува смрт, зашто ни зборуваше во Името на Господа, нашиот Бог.”
17. Тогаш станаа и некои од најугледните во земјата та му рекоа на сето мноштво народ што се собрал таму:
18. „Моресецот Михеј пророкуваше во деновите на Езекиј, јудејскиот цар, и му зборуваше на сиот јудејски народ: ‘Господ над Војските зборува вака: „Сион ќе биде преорано поле, Ерусалим урнатина, а Гората на овој Дом ќе ја прекрие шума.”‘
19. Дали затоа Езекиј, јудејскиот цар, и сета Јудеја го погубија? Не се ли исплашија од Господа и не настојуваа ли да го умилостиват Господа? И Господ го отстрани злото со кое што им се закани! А ние, зар да навлечеме врз нашите души толку голем злостор?”
20. Имаше таму уште некој што пророкуваше во Господово Име, Уриј, синот Семаин, родум од Киријат Јарим. И тој пророкуваше против овој град и оваа земја како и Еремија.
21. А кога царот Јоаким со сите воини и заповедници ги чу тие зборови, бараше да го погуби. Штом го чу тоа, Уриј се исплаши и избега во Египет.
22. Но царот Јоаким го испрати во Египет Елнатан, синот Ахоров, со неколку луѓе;
23. тие го доведоа Уриј од Египет и го одведоа кај царот Јоаким, кој го погуби со меч, а неговиот труп го фрли во гробиштата на простиот народ.
24. Но Ахикам, синот Сафанов, го заштити Еремија, та не го предадоа во рацете на народот за да го погубат.