Стар Завет

Нов Завет

Еремија 24:2-10 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

2. Во една кошница беа многу добри смокви, какви веќе се ранките смокви; а во втората беа расипани смокви, толку лоши што не можеа да се јадат.

3. И Господ ме праша: „Еремија, што гледаш?” А јас одговорив: „Смокви! Добрите се многу добри, а лошите се многу лоши - толку лоши што не се за јадење.”

4. И ми дојде Господово слово:

5. „Вака зборува Господ, Израелевиот Бог: ‘Како на овие добри смокви, така ќе погледам милостиво на јудејските заточеници, кои од ова место ги протерав во Халдејската Земја.

6. И милостиво ќе ги насочам очите кон нив и ќе ги вратам во оваа земја. Повторно ќе ги подигнам и не ќе ги уништам веќе; пак ќе ги посадам и не ќе ги откорнам веќе.

7. И ќе им дадам срце за да Ме познаат дека Јас Сум Господ, за да бидат Мој народ, а Јас нивни Бог, зашто тие пак ќе се обратат кон Мене со сето свое срце.

8. Но како со лошите смокви, што се толку лоши да не се за јадење - да, говори Господ, така ќе постапам и со Седекија, јудејскиот цар, со неговите кнезови и со сите Ерусалимци што останаа во оваа земја, и со оние што се населија во Египет.

9. Ќе направам да им бидат за ужас на сите земни царства, за срам и потсмев, за укор и за клетва насекаде каде што ќе ги изгонам.

10. И ќе испратам врз нив меч, глад и помор, додека не се истребат од земјата што им ја дадов ним и на нивните татковци.’”

Прочитајте целосна глава Еремија 24