Стар Завет

Нов Завет

Еремија 23:28-40 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

28. Пророкот што сонувал сон, само нека го раскаже својот сон, а во кого е Мојот збор, нека го објавува според вистината Мојот збор! Што им е заедничко на сламата и житото? - говори Господ.

29. Не е ли мојот збор како оган - говори Господ - и не е ли сличен на млат што ја крши карпата?

30. Еве Ме затоа против пророците - говори Господ - кои еден на друг му ги крадат Моите зборови.

31. Еве Ме против пророците - говори Господ - кои што чукаат со јазикот и коват пророштва.

32. Еве Ме против пророците - говори Господ - кои што пророкуваат измислени соништа, и раскажувајќи ги го заведуваат Мојот народ со своите измислици и со лагите. А Јас не ги испратив, ниту им заповедав нешто, ниту му се на овој народ од некаква полза - зборува Господ.

33. А ако овој народ, или пророкот, или свештеникот, те праша: ‘Што е Господовото бреме?’ одговори им: ‘Вие сте Господовото бреме, и Јас ве отфрлам’ - зборува Господ.

34. А рече ли некој пророк или свештеник, или некој од народот: ‘Господово бреме,’ ќе ги казнам тој човек и неговиот дом.

35. Вака треба да му зборувате секој на својот ближен и секој на својот брат: ‘Што одговори Господ?’ или ‘Што рече Господ?’

36. Но ‘Господовото бреме’ да не сте го спомнале веќе, зашто секому бреме е неговиот збор. Зашто вие ги искривувате зборовите на живиот Бог!

37. Речи му вака на пророкот: ‘Што ти одговори Господ?’ или ‘Што рече Господ?’

38. Но ако речете ‘Господово бреме,’ вака зборува Господ: ‘Затоа што се служите со зборот „Господово бреме,” иако ви нарачав да не го изговарате,

39. Јас ќе го подигнам високо и ќе ги отфрлам од Своето лице вас и вашиот град, што ви го дадов вам и на вашите татковци!

40. И ќе навалам врз вас вечен срам и вечен подбив, што не ќе се заборави.”‘“

Прочитајте целосна глава Еремија 23