Стар Завет

Нов Завет

Еремија 20:9-18 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

9. И реков во себеси: „Веќе не ќе мислам на Него, ниту ќе зборувам во Негово Име.” Но тогаш во моето срце беше како распламенат оган запретан во моите коски: напразно се трудев да издржам, не можев веќе.

10. Чув многу клевети: „Ужас отсекаде! Пријавете! Ние ќе го пријавиме!” Сите кои што ми беа пријатели го чекаа моето паѓање. „Можеби ќе го заведеме, па ќе завладееме со него и ќе му се одмаздиме нему!”

11. Со мене е Господ како силен јунак! Затоа моите гонители ќе се сопнат и не ќе надвладеат, ќе се засрамат многу заради поразот, заради незаборавениот вечен срам.

12. О Господи над Силите, Кој проникнуваш во праведникот и му ги гледаш бубрезите и срцето, дај ми да видам како им се одмаздуваш, зашто Тебе Ти ја доверив својата парница.

13. Пејте Му на Господа, фалете Го Господа, зашто Тој ја избави душата на бедниот од рацете на злосторниците.

14. Проклет да биде денот кога се родив, денот кога ме роди мојата мајка, да не биде благословен!

15. Проклет да биде човекот кој му соопшти на мојот татко: „Ти се роди син, машко!” и со тоа го зарадува татка ми.

16. На тој човек да му биде како на градовите, што Господ ги разурна без жал; туку во самата зора да чуе вик за помош и бојни викотници на пладне,

17. зашто не ме погуби во мајчината утроба, за да ми беше мајка ми мој гроб, за да и останеше утробата трудна довека!

18. О зошто излегов од мајчиното крило? За да гледам јад и неволја, и за да ги довршам деновите во срам!

Прочитајте целосна глава Еремија 20