Стар Завет

Нов Завет

Еремија 2:23-33 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

23. Како можеш само да речеш: ‘Не сум се извалкала, не одев по ваалите.’ Погледај ги своите траги во Долината, запознај што си направила. Брза камила што крстосува по своите патеки,

24. дивата ослица навикната на пустината, во својата сладострасност лакомо збива, кој ќе ја скроти во времето на водењето? Кој ја бара, нема да се замори, ќе ја најде во нејзиниот месец.

25. Чувај се да не ти обоси ногата, да не ти се осуши грлото. А ти велиш: ‘Не, напразно е! Зашто ги љубам странците, и по нив ќе одам.’

26. Како што се засрамува крадецот кога ќе го фатат, така ќе се засрамат синовите на Израелевиот дом, тие, царевите, кнезовите, свештениците и нивните пророци,

27. кои што му зборуваат на дрвото: ‘Ти си мој татко!’ а на каменот: ‘Ти си ме родил!’ зашто ми ги свртуваат плеките, а не лицето, но во својата неволја викаат: ‘Стани, спаси нè!’

28. Каде се боговите што ти самиот ги направи? Нека станат ако можат да те спасат во твојата неволја! Зашто имаш, о Јудејо, богови колку и градови! Колку што Ерусалим има улици толку Ваал има жртвеници.

29. Зошто сакате да се препирате со Мене? Сите се одметнавте од Мене - говори Господ.

30. Напразно ги удрив вашите синови: вие не извлековте поука од тоа: вашите мечеви ги растргнаа вашите пророци, како лав истребувач.

31. Од каков род ли сте? Чујте го Господовото слово: Зар му бев пустина на Израел, или мрачна земја? Зошто Мојот народ зборува: ‘Сакаме слобода, не сакаме веќе кај Тебе!’

32. Дали го заборава девицата својот накит, или невестата својот појас? А Мојот народ Ме заборави Мене, тоа веќе има безброј денови.

33. О, како го знаеш добро својот пат кога ја бараш љубовта! Затоа и на зло ги навикна своите патишта.

Прочитајте целосна глава Еремија 2