Стар Завет

Нов Завет

Еремија 17:13-25 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

13. О Господи, надеж на Израел, сите кои што Те оставаат ќе се засрамат, кои ќе се одметнат од Тебе ќе бидат запишани во прав, зашто го оставија Изворот на живата вода.”

14. Исцели ме, Господи, и ќе бидам здрав, спаси ме, и ќе бидам спасен, зашто Ти си моја пофалба.

15. Еве ги што ми зборуваат: „Каде е Господовиот збор? Нека се исполни!”

16. Та јас не се меткав околу Тебе за нивната несреќа, ниту сакав кобен Ден! - Ти го знаеш тоа, сè што излезе од мојата уста пред Тебе е.

17. Не ми биди за ужас Ти, прибежиште мое, во несреќниот Ден.

18. Нека се засрамат моите гонители, а не јас, растрепери ги нив, а не мене. Доведи го врз нив несреќниот Ден, сотри ги со двојно сотрување!

19. Господ ми рече вака: „Отиди и застани на вратата на Синовите на народот низ која влегуваат и излегуваат јудејските цареви, и на сите ерусалимски врати.

20. Речи им: ‘Чујте го Господовото слово, вие, јудејски цареви и сите Јудејци и Ерусалимци, кои поминувате низ овие врати.

21. Господ зборува вака: „Чувајте се ако ви е мил животот, и не носете товар во саботен ден, и не внесувајте го низ ерусалимските врати.

22. И не изнесувајте бремиња од куќата во саботен ден, и не работете никаква работа, туку празнувајте го саботниот ден, како што им заповедав на вашите татковци.

23. Тие не Ме послушаа и не го приклонија своето уво, туку не послушаа закоравено и не ја прифатија науката.

24. А вие, ако Ме послушате - зборува Господ - и ако не носите товари низ вратите на овој град, туку ако го празнувате саботниот ден, не работејќи никаква работа,

25. тогаш низ вратите на овој град ќе влегуваат царевите и кнезовите, кои што седат на Давидовиот престол, кои се возат во коли и јаваат на коњи, тие и нивните првенци, Јудејци и Ерусалимци, и овој град ќе остане довека.

Прочитајте целосна глава Еремија 17