Стар Завет

Нов Завет

Еремија 13:2-17 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

2. И купив појас според Господовото слово и ја опашав половината.

3. И по вторпат ми дојде Господовото слово:

4. „Земи го појасот што го купи и со кого се опаша, крени се, оди до реката Еуфрат и скриј го таму во пукнатината на пештерата.”

5. И отидов и го скрив покрај Еуфрат, како што ми заповеда Господ. По многу дни Господ ми рече:

6. „Стани, оди при Еуфрат па извлечи го оттаму појасот за кој ти заповедав да го скриеш таму.”

7. Отидов при Еуфрат, го извлеков и го зедов појасот од местото каде што го скрив, и ете: појасот гнил, не беше веќе за ништо.

8. Тогаш ми дојде Господовото слово:

9. „Господ зборува вака: ‘Така ќе ја уништам силната горделивост на Јудеја и Ерусалим.

10. Тој опак народ што не ги слуша Моите зборови, туку го следи своето закоравено срце и трча по други богови за да им служи и за да им се клања, ќе стане како твојот појас што веќе не е за ништо.

11. Зашто како што појасот се долепува до човековите бедра, така сакав сиот Израелов дом и сиот Јудин дом да се долепи до Мене - зборува Господ - за да бидат Мој народ, Мој добар глас, Моја гордост, Моја слава и чест. Но не послушаа!’

12. Речи му на тој народ: ‘Секоја врчва се полни со вино. А тие ќе ти приговорат: ‘Зар можеби не знаеме дека секоја врчва се полни со вино?’

13. Тогаш речи им: ‘Господ зборува вака: „Еве ќе ги наполнам со пијаност сите жители на оваа земја, царевите кои седат на Давидовиот престол, и свештениците, и пророците, сите ерусалимски жители!

14. Ќе ги удрам еден со друг, татковците со синовите - зборува Господ. Ќе ги уништам без сомилост, без милосрдие и без смилување.”‘“

15. Послушајте, чујте добро, оставете ја гордоста: Господ зборува сега!

16. Дајте Му слава на Господа, својот Бог, пред да се смрачи, пред вашите нозе да се сопнат во мрачните планини. Вие и се надевате на светлината, а Тој ќе ја претвори во мрак, ќе ја измени во црна темнина!

17. Ако не го послушате ова, душата ќе ми плаче постојано заради вашата гордост, солзи ќе рони, окото ќе ми лее солзи, зашто Господовото стадо заминува во ропство.

Прочитајте целосна глава Еремија 13