Стар Завет

Нов Завет

Даниел 4:20-35 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

20. Дрвото што си го видел, големо е и силно кое стигнува сè до небото и се гледа по сета земја,

21. со убава круна и со изобилни плодови, на кои имаше храна за сите, и под кое се одморуваа полските ѕверови, а на неговите гранки се гнездеа небесните птици:

22. тоа си ти, о цару, кој си голем и силен, величината ти се зголемила и стигнала до небото, а твојата власт до краиштата на земјата.

23. А тоа што царот виде како Стражар, Светец, слегува од небото та зборува: ‘Пресечете го дрвото, раздробете го, но неговата пенушка и корењата оставете ги во земјата, во железни и бронзени окови, во полската трева нека го мие небесната роса и делот нека му биде со полските ѕверови додека не поминат седум времиња над него’ -

24. ова е значењето, о цару, одлуката на Сèвишниот што ќе се исполни врз мојот господар цар:

25. Ќе те протерат од друштвото на луѓето, и ќе престојуваш со полските животни; ќе се храниш со трева како говедата, тебе ќе те мие небесната роса; седум времиња ќе поминат над тебе додека не познаеш дека Сèвишниот има власт над човечкото царство и дека го дава кому што Тој сака.

26. А што е речено: ‘Оставете ги пенушката и корењата’ - твоето царство ќе се обнови штом ќе сознаеш дека небесата ја имаат сета власт.

27. Затоа, цару, мојот совет нека ти биде мил: искупи ги своите гревови со правда и своите беззаконија со милосрдие спрема бедните, за да ти продолжи мирот.”

28. Сè тоа му се случи на царот Навуходоносор.

29. Дванаесет месеци подоцна, шетајќи по вавилонскиот царски дворец,

30. царот велеше: „Не е ли тоа големиот Вавилон што јас го изградив за да ми биде царска престолнина - со силата на својата моќ, за слава на моето величество?”

31. Уште тие зборови беа во неговата уста кога дојде глас од небото: „Тебе ти се објавува, цару Навуходоносору: царството ти е одземено;

32. ќе бидеш протеран од друштвото на луѓето ќе престојуваш со полските животни; ќе се храниш со трева како говедата, и седум времиња ќе поминат над тебе додека не сознаеш дека Сèвишниот има власт над човечкото царство и дека Тој го дава кому што сака.”

33. И веднаш словото се изврши над Навуходоносора: беше протеран од човечкото друштво, јадеше трева како говедата го переше небесната роса; влакната му пораснаа како во лав, а неговите нокти како птичји кан?и.

34. Откако се исполнија одредените денови, јас, Навуходоносор, ги подигнав очите кон небото, разумот ми се врати, тогаш Го благословив Сèвишниот, фалејќи Го и возвишувајќи Го Оној Кој живее довека: Неговото Царство е - Вечно Царство, Неговата власт е за сите поколенија.

35. Жителите на земјата - се како ништо; Тој постапува според Својата волја со небесната војска и со земните жители. Никој не може да ја запре Неговата рака или да Му рече: „Што правиш?”

Прочитајте целосна глава Даниел 4