Стар Завет

Нов Завет

Даниел 4:19-27 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

19. Тогаш Даниел, наречен Валтазар, во миг се смаја и се исплаши во своите мисли. Царот рече: „Валтазаре, не се збунувај од овој сон и од неговото значење!” Валтазар одговори: „Господару мој, овој сон нека им биде на твоите непријатели, и неговото значење на твоите мразители!

20. Дрвото што си го видел, големо е и силно кое стигнува сè до небото и се гледа по сета земја,

21. со убава круна и со изобилни плодови, на кои имаше храна за сите, и под кое се одморуваа полските ѕверови, а на неговите гранки се гнездеа небесните птици:

22. тоа си ти, о цару, кој си голем и силен, величината ти се зголемила и стигнала до небото, а твојата власт до краиштата на земјата.

23. А тоа што царот виде како Стражар, Светец, слегува од небото та зборува: ‘Пресечете го дрвото, раздробете го, но неговата пенушка и корењата оставете ги во земјата, во железни и бронзени окови, во полската трева нека го мие небесната роса и делот нека му биде со полските ѕверови додека не поминат седум времиња над него’ -

24. ова е значењето, о цару, одлуката на Сèвишниот што ќе се исполни врз мојот господар цар:

25. Ќе те протерат од друштвото на луѓето, и ќе престојуваш со полските животни; ќе се храниш со трева како говедата, тебе ќе те мие небесната роса; седум времиња ќе поминат над тебе додека не познаеш дека Сèвишниот има власт над човечкото царство и дека го дава кому што Тој сака.

26. А што е речено: ‘Оставете ги пенушката и корењата’ - твоето царство ќе се обнови штом ќе сознаеш дека небесата ја имаат сета власт.

27. Затоа, цару, мојот совет нека ти биде мил: искупи ги своите гревови со правда и своите беззаконија со милосрдие спрема бедните, за да ти продолжи мирот.”

Прочитајте целосна глава Даниел 4