Стар Завет

Нов Завет

Даниел 3:13-27 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

13. Навуходоносор, јаростен и бесен, ги повика Седраха, Мисаха и Авденаго. Веднаш ги доведоа пред царот.

14. А Навуходоносор им рече: „Дали е вистина, Седрах, Мисах и Авденаго, дека вие не им служите на моите богови, и дека не му се поклонувате на златниот кип што го подигнав?

15. Дали сте волни, штом ќе чуете звук на рог, на кавал, на харфа, на китара, на псалтир, на гајда и на секакви други свиралки, да паднете на земјата и да му се поклоните на кипот што го направив? Ако не му се поклоните, ќе бидете веднаш фрлени во вжарена печка; и кој е тој бог кој ќе ве избави од мојата рака?”

16. Седрах, Мисах и Авденаго му одговорија на царот Навуходоносор: „Не треба да ти одговориме на тоа.

17. Нашиот Бог Кому Му служиме може да нè избави од вжарената печка и од твојата рака, цару; Тој и ќе нè избави.

18. Но ако тоа и не го направи знај, о цару: ние нема да им служиме на твоите богови, ниту ќе му се поклониме на кипот што си го подигнал.”

19. На тие зборови царот Навуходоносор се исполни со гнев, а лицето му се измени кон Седрах, Мисах и Авденаго.

20. Тој нареди да се вжари печката седумпати повеќе отколку обично, и им заповеда на силните луѓе од својата војска да ги врзат Седрах, Мисах и Авденаго и да ги фрлат во печка полна со ражарен оган.

21. И така, ги врзаа, и со наметките, со обувките и со капите, ги фрлија во вжарената печка.

22. Бидејќи царската заповед беше итна а печката вжарена преку мера, пламенот ги уби луѓето кои ги фрлија Седрах, Мисах и Авденаго.

23. А тројцата мажи - Седрах, Мисах и Авденаго - паднаа врзани во вжарената печка.

24. Тогаш царот Навуходоносор се вчудоневиди и стана бргу. Ги праша своите советници: „Не ги фрливме ли оние тројца мажи врзани во огнот?” Тие одговорија: „Ги фрливме цару!”

25. Тој рече: „Ама јас гледам четири мажи, одврзани шетаат по огнот, и не им се случува ништо зло; четвртиот е сличен на синот на боговите!”

26. Навуходоносор и пријде на вратата на вжарената печка и викна: „Седрах, Мисах и Авденаго, слуги на Сèвишниот Бог, излезете и дојдете ваму!” Тогаш Седрах, Мисах и Авденаго излегоа од огнот.

27. Сатрапите, старешините, управителите и царевите советници се собраа за да ги видат тие луѓе: огнот не им наштети на нивните тела, косата на главата им беше неопрлена, наметките неоштетени, никаков непријатен мирис од огнот не се фати за нив.

Прочитајте целосна глава Даниел 3