Стар Завет

Нов Завет

Даниел 3:1-12 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Царот Навуходоносор одреди да се направи златен кип, висок шеесет лакти и широк шест, и да го постават во рамницата Дура, во вавилонската покраина.

2. Вавилонскиот цар ги повика сатрапите, намесниците, управителите, советниците, благајниците, судиите и законопознавачите и сите намесници на покраините, да дојдат на свечено откривање на кипот што го подигна царот Навуходоносор.

3. Тогаш се собраа сатрапите, намесниците, управителите, советниците, ризничарите, судиите и законопознавачите и сите намесници на покраинската власт на откривањето на кипот што го подигна царот Навуходоносор. И застанаа пред кипот што го подигна Навуходоносор.

4. Тогаш силно извика гласникот: „О народи, племиња и јазици, еве, што ви се наредува:

5. во часот кога ќе ги чуете звуците на рогот, на кавалот, на харфата, на китарата, на псалтирот, на гајдата и на секакви други свиралки, паднете на земјата и поклонете му се на златниот кип што го подигна царот Навуходоносор!

6. Кој не ќе падне на земја и не ќе се поклони веднаш ќе биде фрлен во вжарена печка.”

7. Затоа, штом го слушнаа звукот на рогот, на кавалот, на харфата, на китарата, на псалтирот, на гајдата и на секакви други свиралки, паднаа на земјата сите народи, племиња и јазици, поклонувајќи му се на златниот кип што го подигна царот Навуходоносор.

8. Тогаш дојдоа некои Халдејци и ги оптужија Јудејците.

9. Му рекоа на царот Навуходоносор: „О цару, жив да си довека!

10. Ти, цару, му нареди на секој човек кој ќе ги чуе звуците на рогот, на кавалот, на харфата, на китарата, на псалтирот, на гајдата и на секакви други свиралки, да падне на земјата и да му се поклони на златниот кип;

11. а кој не ќе падне на земјата и не ќе се поклони да биде фрлен во вжарена печка.

12. А еве, тука се Јудејците кои што ги постави за управители на Вавилонската Покраина: Седрах, Мисах и Авденаго. Тие луѓе не се покоруваа на твојата заповед, о цару; тие не им служат на твоите богови, и не му се поклонија на златниот кип што си го подигнал.”

Прочитајте целосна глава Даниел 3