Стар Завет

Нов Завет

Броеви (4 Moj.) 9:1-12 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Во првиот месец на втората година по излезот од Египетската Земја, Господ му рече на Мојсеја во Синајската Пустина:

2. „Израелевите синови нека ја подготвуваат Пасхата во времето определено за неа.

3. Празнувајте ја во нејзиното време, во примрак, на четиринаесеттиот ден на овој месец; славете ја според сите нејзини прописи и наредби.”

4. А Мојсеј им рече на Израелците да ја подготвуваат Пасхата.

5. И тие ја подготвуваа во Синајската Пустина, во примрак, во првиот месец, на четиринаесеттиот ден на месецот. Како што Господ му нареди на Мојсеја, Израелевите синови така и направија.

6. А имаше луѓе онечистени од мртовец, тие не можеа да ја подготвуваат Пасхата во оној ден. И дојдоа пред Мојсеја и Арона во истиот ден

7. па рекоа: „Станавме нечисти од мртовец; сепак, зошто да бидеме лишени од тоа да Му принесеме принос на Господа во одреденото време среде Израелевите синови?”

8. Мојсеј им рече: „Стрпете се, да чујам што ќе одреди Господ за вас.”

9. И Господ му рече на Мојсеја:

10. „Кажи им на Израелевите синови вака: ‘Кога некој од среде вас или од меѓу вашите потомци стане нечист од мртовец или ако е на далечен пат, сепак нека Му ја подготвуваат Пасхата на Господа.

11. Нека ја спремат во примрак на четиринаесеттиот ден на вториот месец. Нека ја јадат со бесквасни лебови и со горчливи треви;

12. нека не оставаат од неа за наутро; нека не кршат ниту една коска на неа. Нека ја подготвуваат според прописите за Пасха.

Прочитајте целосна глава Броеви (4 Moj.) 9