Стар Завет

Нов Завет

Броеви (4 Moj.) 4:11-30 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

11. Нека распрострат сино платно преку златниот жртвеник и нека го покријат со покривало од јазовечка кожа. Потоа нека му ги наместат носилата.

12. Тогаш нека го земат сиот прибор што се употребува за служба во Светилиштето па нека го стават врз синото платно и тогаш нека го покријат со покривка од јазовечка кожа. Потоа сè тоа нека го положат на носилка.

13. Нека ја сметат пепелта од жртвеникот и нека распрострат на него црвено платно.

14. Нека го положат врз него сиот прибор што се употребува во службата: кадилниците, вилушките, лопатчињата и чиниите - сите садови за жртвеникот. Тогаш нека распрострат преку него покривка од јазовечка кожа. Потоа нека ги наместат носилата.

15. Откако Арон и неговите синови ќе го завршат покривањето на Светилиштето и на сите свети садови, во часот кога логорот ќе тргне на пат, нека дојдат Каатовите потомци и нека го земат тоа со себе. Но не смеат да се допираат до светите предмети, за да не загинат. Каатовите синови ќе ги носат овие делови на Шаторот на средбата.”

16. „А Елеазар, синот на свештеникот Арон, нека се грижи за маслото за светилниците, за мирисливиот темјан, за постојаниот лебен принос и за маслото за помазание; нека се грижи за сиот Шатор, за сè што е во него - за Светилиштето и за неговиот намештај.”

17. Господ им рече на Мојсеја и на Арона:

18. „Не дозволувајте да го снема племето на Каатовите родови меѓу левитите.

19. Постапувајте вака со нив, за да не умрат, кога пристапуваат кон Светината над светините нека дојдат Арон и неговите синови за да го постават секого од нив на неговата служба и на неговата должност.

20. Тие никогаш нека не влегуваат ниту да ја погледнат Светината, кога ја покриваат, за да не загинат.”

21. Господ му рече на Мојсеја:

22. „Изврши попис и на Гирсоновите синови по нивните семејства и по нивните родови, од триесет години нагоре, сè до педесет години;

23. изброј ги сите кои можат да влезат во одредот за вршење служба во Шаторот на средбата.

24. А ова е службата на Гирсоновите родови при работата и принесувањето:

25. нека ги носат: завесите на Престојувалиштето; Шаторот на средбата со неговиот покрив, покривалото од јазовечка кожа што е врз него, и завесата на влезот во Шаторот на средбата;

26. потоа, дворните завеси, завесите од вратата на влезот во дворот што е околу Шаторот и жртвеникот, јажињата и сиот прибор за нивната служба; сè што треба да се работи околу тие нешта, нека направат!

27. Гирсоновците нека ги обавуваат сите свои должности - сè што треба да носат и сè што треба да направат - по налог на Арона и на неговите синови. Доверете им на нивната грижа сè што треба да носат.

28. Тоа е службата на родовите Гирсоновци во Шаторот на средбата. Нивната служба нека биде под водство на Итамар, синот на свештеникот Арон.”

29. „Изброј ги Мерариевите синови по нивните родови и семејства.

30. Запиши ги од триесет години нагоре, сè до педесет години, кои можат да влезат во одред за вршење служба во Шаторот на средбата.

Прочитајте целосна глава Броеви (4 Moj.) 4