Стар Завет

Нов Завет

Броеви (4 Moj.) 32:1-13 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Рувимовите синови и Гадовите синови имаа мошне многу добиток. И согледаа дека Јазирската Земја и Галадската Земја се погодни за сточарство.

2. Затоа Гадовците и Рувимовците дојдоа при Мојсеја, при свештеникот Елеазар и при управителите на општеството, па рекоа:

3. „Атарот, Девон, Јазир, Нимра, Есевон, Елеалиј, Севам, Нево и Веон -

4. земја што Господ ја порази пред Израелевото општество - е земја погодна за сточарство; а твоите слуги се занимаваат со сточарство.

5. Ако најдовме благонаклоност во твоите очи - продолжија - овој крај нека им биде даден во владеење на твоите слуги; не нè преведувај преку Јордан!”

6. Мојсеј им одговори на Гадовите синови и на Рувимовите синови: „Вашите браќа ќе одат во војна, а вие да останете тука?

7. Зошто ги одвраќате срцата на Израелевите синови од преминот во земјата, која им ја даде Господ?

8. Така постапија и вашите татковци кога ги испратив во Кадис-Варни за да ја извидат земјата.

9. Тие се искачија до долината Есхол, ја видоа земјата и ги обесхрабрија срцата на Израелевите синови, за да не влезат во земјата, која Господ им ја даде.

10. Во тој ден Господ пламна со гнев. Се заколна и рече:

11. ‘Луѓето кои излегоа од Египет, од дваесет години или нагоре, зашто не Ме следеа верно, никогаш нема да ја видат земјата што им ја ветив под заклетва на Авраама, Исака и Јакова!’

12. Господа единствено Го следеа верно: Кенезецот Халев, синот Ефониев и Навиновиот син Исус.

13. Господ пламна со гнев на Израелевите синови па ги водеше низ пустината четириесет години, сè додека не изумре сето поколение што постапи зло во очите на Господа.

Прочитајте целосна глава Броеви (4 Moj.) 32