Стар Завет

Нов Завет

Броеви (4 Moj.) 22:26-41 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

26. Господовиот Ангел тргна напред па застана на тесно место, каде не можеше да сврти ни десно ни лево.

27. Кога ослицата го согледа Господовиот Ангел, легна под Валаама. Валаам се налути и почна да ја бие ослицата со стап.

28. Тогаш Господ ја отвори устата на ослицата, па таа му проговори на Валаама: „Што ти сторив па ме биеш веќе трипати?”

29. Валаам и одговори на ослицата: „Затоа што ме навреди! Да имам меч во раката, сега ќе те убиев!”

30. А ослицата му одговори на Валаам: „Зар јас не сум твојата ослица на која јаваше во текот на целиот твој век до денес? Дали имав навика да постапувам така со тебе?” „Не!” одговори тој.

31. Тогаш Господ му ги отвори очите на Валаама, и тој го виде Господовиот Ангел како што стои на патот, со гол меч во раката. Тој ја наведна главата и му се поклони.

32. Тогаш Господовиот Ангел му рече: „Зошто ја биеше веќе трипати твојата ослица? Па јас истапив за да те спречам, зашто, пред моите очи, патот те води во пропаст.

33. Ослицата ме забележа и се отстрани од мене сите трипати. Ако не ми се отстрануваше, веќе ќе те убиев, а неа ќе ја оставев жива.”

34. Тогаш Валаам му рече на Господовиот Ангел: „Согрешив! Не знаев дека ти стоиш на патот пред мене. Но сега, ако е зло во твоите очи, јас ќе се вратам.”

35. Но Господовиот Ангел му одговори на Валаам: „Оди со луѓето, но зборувај само она што јас ќе ти кажам.” Така Валаам отиде со Валаковите првенци.

36. Кога Валак чу дека доаѓа Валаам, му излезе во пресрет до градот Моав што се наоѓа на границата на Арнон, на крајот на подрачјето.

37. „Зар не праќав упорно по тебе и те повикував? Зошто не ми дојде? - му рече Валак на Валаама. Зар навистина не можам да те наградам богато?”

38. „Еве ти дојдов - му рече Валаам на Валака. Но дали ќе можам да ти кажам нешто сега? Само она што Господ ќе го положи на јазикот, тоа ќе го зборувам.”

39. Потоа Валаам тргна со Валака и дојдоа во Киријат-Узот.

40. Валак жртвува и волови и овци, па од тоа им раздаде на Валаам и на кнезовите, кои го придружуваа.

41. Наутро Валак го зеде Валаама и го одведе на високите Ваалови места, откаде можеше да го види крајниот дел на народот.

Прочитајте целосна глава Броеви (4 Moj.) 22