Стар Завет

Нов Завет

Броеви (4 Moj.) 22:17-30 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

17. Ќе те наградам богато и ќе направам сè што ќе речеш. Дојди, те молам, и проколни ми го овој народ!’”

18. Но Валаам им одговори на Валаковите слуги: „Да ми ја даде Валак својата куќа полна со сребро и злато, не би можел да ги престапам заповедите на Господа, мојот Бог, за да направам нешто, било големо било мало.

19. Но поминете ја и вие ноќта тука, за да научам што ќе ми рече уште Господ.”

20. Во ноќта Бог дојде при Валаама и му рече: „Ако тие луѓе дојдоа да те повикаат, стани, тргни со нив! Но да правиш само тоа што ќе ти речам Јас!”

21. Наутро Валаам стана, и и стави грубо дрвено седло на својата ослица и отиде со моавските кнезови.

22. Но Божјиот гнев пламна зашто тој тргна. Затоа Господов Ангел застана на патот за да го спречи. Тој јаваше на својата ослица, а го придружуваа неговите два момка.

23. Кога ослицата го забележа Господовиот Ангел како што стои на патот, со извлечен меч во раката, сврти од патеката и тргна по полето. Валаам почна да ја бие ослицата за да ја врати на патот.

24. Тогаш Господовиот Ангел застана при тесниот премин, меѓу лозјата, а имаше ограда и од оваа и од онаа страна.

25. Ослицата, забележувајќи го Господовиот Ангел, се стисна покрај ѕидот и ја притисна до ѕидот Валаамовата нога. Тој пак почна да ја бие.

26. Господовиот Ангел тргна напред па застана на тесно место, каде не можеше да сврти ни десно ни лево.

27. Кога ослицата го согледа Господовиот Ангел, легна под Валаама. Валаам се налути и почна да ја бие ослицата со стап.

28. Тогаш Господ ја отвори устата на ослицата, па таа му проговори на Валаама: „Што ти сторив па ме биеш веќе трипати?”

29. Валаам и одговори на ослицата: „Затоа што ме навреди! Да имам меч во раката, сега ќе те убиев!”

30. А ослицата му одговори на Валаам: „Зар јас не сум твојата ослица на која јаваше во текот на целиот твој век до денес? Дали имав навика да постапувам така со тебе?” „Не!” одговори тој.

Прочитајте целосна глава Броеви (4 Moj.) 22