Стар Завет

Нов Завет

Броеви (4 Moj.) 22:1-15 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Потоа Израелевите синови отпатуваа и се влогорија во Моавските Полиња, отаде Јордан, спроти Ерихон.

2. Валак, Сефоровиот син, виде сè што им стори Израел на Аморејците.

3. Моав се исплаши мошне од тој народ зашто беше многуброен. Страв го опфати Моава од Израелците.

4. Затоа Моав им рече на Мадијамските старешини: „Сега овој народ ќе изеде сè околу нас, како што волот ја испасува тревата по полето.” Валак, синот Сефоров, беше моавски цар во тоа време.

5. Тој му испрати посланици на Валаама синот Веоров, во Фатур, што се наоѓаше покрај Реката, во земјата на Амонците. Го повика, велејќи: „Еве, еден народ дошол од Египет; еве го покри лицето на земјата и се насели покрај мене.

6. Затоа дојди и проколни ми го овој народ, зашто е посилен од мене. Така ќе можам да го совладам и да го истерам од земјата. А знам дека е благословен оној кого ќе го благословиш, а проклет е оној кого ќе го проколнеш.”

7. Моавските старешини и Мадијамските старешини тргнаа со подароци во своите раце за вражање. Стигнаа при Валаама и му ја пренесоа Валаковата порака.

8. Тој им рече: „Ноќевајте тука, па ќе ви одговорам според она што ќе ми каже Господ.” Така моавските управители останаа кај Валаама.

9. Бог дојде при Валаама и праша: „Кои се тие луѓе со тебе?”

10. Валаам Му одговори на Бога: „Валак, Сефоровиот син, ги испрати кај мене со порака:

11. ‘Еве, еден народ дошол од Египет и го покри лицето на земјата. Дојди да го проколнеш. Така ќе можам да го совладам и да ги истерам.’”

12. Но Бог му рече на Валаама: „Не оди со нив! Не проколнувај го оној народ, зашто е благословен.”

13. Наутро Валаам стана и им рече на Валаковите кнезови: „Одете си во вашата земја, зашто Господ не ме остава да тргнам со вас.”

14. Моавските кнезови станаа, отидоа кај Валака и му рекоа: „Валаам не сакаше да тргне со нас.”

15. Валак пак испрати кнезови, помногубројни и поугледни од првите.

Прочитајте целосна глава Броеви (4 Moj.) 22