Стар Завет

Нов Завет

Броеви (4 Moj.) 18:18-32 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

18. Нивното месо ти припаѓа тебе; како и градите на движниот принос и десната плешка.

19. Сите воздигнати приноси, што Израелците ги воздигаат пред Господа, ви ги давам: тебе, на твоите синови и на твоите ќерки со тебе, со вечен закон. Тоа е посолен завет, вечен пред Господа, за тебе и за твоето потомство со тебе.

20. Немај наследство во нивната земја - му рече Господ на Арона - ниту придобивај сопственост среде нив! Јас Сум твој дел и твое наследство среде Израелевите синови.”

21. „Еве, на Левиевите синови им ги давам во наследство сите десетоци во Израел за нивната служба - за службата што ја вршат во Шаторот на средбата.

22. А Израелевите синови веќе нека не се доближуваат до Шаторот на средбата, за да не навлечат грев врз себе и да не загинат.

23. Само левитите нека ја извршуваат службата во Шаторот на средбата; и тие нека бидат одговорни за својата вина. Тоа е вечен закон за вашите поколенија; нека немаат имот среде Израелевите синови.

24. Бидејќи десетокот на Израелевите синови, што Му го подаруваат на Господа како воздигнат принос, им го давам во дел на левитите; затоа и им реков: ‘Тие нека не добиваат дел меѓу Израелевите синови.’”

25. Господ му рече на Мојсеја:

26. „Зборувај им на левитите и речи им: ‘Кога ќе примите десеток од Израелците, што Јас од нив ви го давам во наследство, тогаш: принесете Му вие од тоа на Господа воздигнат принос: десеток од десетокот.

27. Приносот ќе ви биде засметан како жито од гумно и како вино од бочва.

28. Исто така принесете Му воздигнат принос на Господа и од сите свои десетоци што ги примате од Израелевите синови. Од тоа дајте му го Господовиот воздигнат принос на свештеникот Арон.

29. Принесувајте Му воздигнат принос на Господа од сите дарови што ќе ги примате; од сè она што е најдобро - оној дел што треба да биде осветен.’

30. Уште речи им: ‘Откако ќе го принесете она од најдобриот дел, тоа нека им се засмета на левитите како приход од гумно и приход од бочва.

31. Можете да го јадете на секое место, вие и вашите домашни, зашто тоа ви е награда за вашата служба во Шаторот на средбата.

32. Откако ќе го принесете неговиот најдобар дел, нема да навлечете грев врз себе; не ќе ја онечистите светината од Израелевите синови, па нема да загинете.’”

Прочитајте целосна глава Броеви (4 Moj.) 18