Стар Завет

Нов Завет

Броеви (4 Moj.) 16:21-41 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

21. „Одделете се од заедницава за да ја сотрам веднаш!”

22. Тие паднаа ничкум и извикаа: „Боже! Господару на духовите на секое тело! Зар ќе се разгневиш на сета заедница, кога згрешил само еден!”

23. Тогаш Господ му рече на Мојсеја:

24. „Речи му на општеството: ‘Отстранете се од околината на живеалиштата на Кореј, Датан и Авирон!’”

25. Мојсеј стана и тргна кон Датан и Авирон. По него тргнаа Израелевите старешини.

26. И вака му проговори на општеството: „Отстапете од шаторите на тие нечесни луѓе! Не допирајте се до ништо што е нивно, за да не бидете уништени заради нивните гревови.”

27. Така тие се оддалечија од околината на живеалиштата на Кореј, Датан и Авирон. Тогаш Датан и Авирон излегоа и застанаа при влезот на своите шатори со своите жени, со своите синови и со своите мали деца.

28. „По ова ќе видите - рече Мојсеј - дека Господ ме испрати да ги исполнувам сите овие дела, и дека не ги правам сам од себе:

29. ако овие луѓе умрат како што умираат сите луѓе, тогаш Господ не ме испратил; ако ги стигне таква казна, каква што ги стигнува сите луѓе, тогаш Господ не ме испратил.

30. Но ако Господ направи нечуено: ако земјата ја отвори својата утроба и ги проголта со сè што е нивно, па ако слезат живи во подземјето, тогаш знајте дека овие луѓе Го презреа Господа.”

31. А кога тој ги заврши сите тие зборови, почвата под нив распука;

32. земјата ја отвори својата утроба и ги проголта со нивните домови, со сите Корееви луѓе и со сиот нивен имот.

33. Живи слегоа во подземјето, тие и сè нивно. Потоа земјата се затвори над нив, и тие исчезнаа од собранието.

34. На нивниот писок сите Израелеви синови, кои стоеја околу нив, избегаа, говорејќи: „Да не нè проголта и нас земјата!”

35. Но оган избувна од Господа и ги голтна двеста и педесетте луѓе кои принесуваа темјан.

36. Господ му рече на Мојсеја:

37. „Кажи му на Елеазар, синот на свештеникот Арон да ги отстрани кадилниците од пожариштето, зашто се осветени, а неосветениот оган од нив нека го распрсне подалеку.

38. Кадилниците на оние кои згрешија и кои со гревот го закопаа животот нека се прековат во плочки за обложување на жртвеникот. Имено, беа донесени пред Господа, па се осветени. Нека им бидат опомена на сите Израелеви синови!”

39. Така свештеникот Елеазар ги зеде бронзените кадилници што ги принесоа оние кои изгореа; ги прековаа во плочки за обложување на жртвеникот.

40. Тие се опомена за Израелевите синови дека никој неповикан - никој кој не е од Ароновото поколение - не смее да се приближи да пали темјан пред Господа, за да не му се случи како на Кореј и на неговата дружина, според она што Господ му кажа преку Мојсеја.

41. Утреден целото општество на Израелевите синови возропта против Мојсеја и Арона: „Го истепавте Господовиот народ!” зборуваа.

Прочитајте целосна глава Броеви (4 Moj.) 16