Стар Завет

Нов Завет

Броеви (4 Moj.) 16:18-33 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

18. Секој ја зеде својата кадилница, стави оган во неа, потоа одозгора посипа темјан и застана, со Мојсеја и Арона, кај влезот во Шаторот на средбата.

19. Кога - спроти нив - Кореј го собра целото општество при влезот во Шаторот на средбата, тогаш Господовата слава и се покажа на сета заедница.

20. И Господ им рече на Мојсеја и Арона:

21. „Одделете се од заедницава за да ја сотрам веднаш!”

22. Тие паднаа ничкум и извикаа: „Боже! Господару на духовите на секое тело! Зар ќе се разгневиш на сета заедница, кога згрешил само еден!”

23. Тогаш Господ му рече на Мојсеја:

24. „Речи му на општеството: ‘Отстранете се од околината на живеалиштата на Кореј, Датан и Авирон!’”

25. Мојсеј стана и тргна кон Датан и Авирон. По него тргнаа Израелевите старешини.

26. И вака му проговори на општеството: „Отстапете од шаторите на тие нечесни луѓе! Не допирајте се до ништо што е нивно, за да не бидете уништени заради нивните гревови.”

27. Така тие се оддалечија од околината на живеалиштата на Кореј, Датан и Авирон. Тогаш Датан и Авирон излегоа и застанаа при влезот на своите шатори со своите жени, со своите синови и со своите мали деца.

28. „По ова ќе видите - рече Мојсеј - дека Господ ме испрати да ги исполнувам сите овие дела, и дека не ги правам сам од себе:

29. ако овие луѓе умрат како што умираат сите луѓе, тогаш Господ не ме испратил; ако ги стигне таква казна, каква што ги стигнува сите луѓе, тогаш Господ не ме испратил.

30. Но ако Господ направи нечуено: ако земјата ја отвори својата утроба и ги проголта со сè што е нивно, па ако слезат живи во подземјето, тогаш знајте дека овие луѓе Го презреа Господа.”

31. А кога тој ги заврши сите тие зборови, почвата под нив распука;

32. земјата ја отвори својата утроба и ги проголта со нивните домови, со сите Корееви луѓе и со сиот нивен имот.

33. Живи слегоа во подземјето, тие и сè нивно. Потоа земјата се затвори над нив, и тие исчезнаа од собранието.

Прочитајте целосна глава Броеви (4 Moj.) 16