16. Потоа Мојсеј му рече на Кореј: „Ти и сета твоја дружина истапете утре пред Господа; ти и тие, и Арон.
17. Секој нека ја земе својата кадилница, нека стави темјан во неа и секој нека ја донесе својата кадилница пред Господа - двеста и педесет кадилници. А и ти и Арон донесете ја секој својата кадилница.”
18. Секој ја зеде својата кадилница, стави оган во неа, потоа одозгора посипа темјан и застана, со Мојсеја и Арона, кај влезот во Шаторот на средбата.
19. Кога - спроти нив - Кореј го собра целото општество при влезот во Шаторот на средбата, тогаш Господовата слава и се покажа на сета заедница.
20. И Господ им рече на Мојсеја и Арона:
21. „Одделете се од заедницава за да ја сотрам веднаш!”
22. Тие паднаа ничкум и извикаа: „Боже! Господару на духовите на секое тело! Зар ќе се разгневиш на сета заедница, кога згрешил само еден!”
23. Тогаш Господ му рече на Мојсеја:
24. „Речи му на општеството: ‘Отстранете се од околината на живеалиштата на Кореј, Датан и Авирон!’”
25. Мојсеј стана и тргна кон Датан и Авирон. По него тргнаа Израелевите старешини.
26. И вака му проговори на општеството: „Отстапете од шаторите на тие нечесни луѓе! Не допирајте се до ништо што е нивно, за да не бидете уништени заради нивните гревови.”
27. Така тие се оддалечија од околината на живеалиштата на Кореј, Датан и Авирон. Тогаш Датан и Авирон излегоа и застанаа при влезот на своите шатори со своите жени, со своите синови и со своите мали деца.
28. „По ова ќе видите - рече Мојсеј - дека Господ ме испрати да ги исполнувам сите овие дела, и дека не ги правам сам од себе:
29. ако овие луѓе умрат како што умираат сите луѓе, тогаш Господ не ме испратил; ако ги стигне таква казна, каква што ги стигнува сите луѓе, тогаш Господ не ме испратил.