Стар Завет

Нов Завет

Броеви (4 Moj.) 16:1-10 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Кореј, син Исаров, син Каатов, син Левиев, па Датон и Авирон, синови Елијавови, и Авнан син Фалетов - Рувимови потомци -

2. се дигнаа против Мојсеја заедно со двеста и педесет Израелеви синови, главатари на заедницата, угледни во собранието и познати луѓе.

3. Тие се собраа околу Мојсеја и Арона, велејќи им: „Вие ја преминувате мерата! Сета заедница, сите нејзини членови, се свети, Господ е и среде нас. Зошто тогаш се возвишувате над Господовото општество!”

4. Кога Мојсеј го чу тоа, падна на своето лице.

5. Потоа им рече на Кореј и на целата негова дружина: „Утре Господ ќе покаже кој е Негов, и кој е свет, и кому му дозволува да Му се приближи. Кого ќе избере, и кого ќе го пушти при Себе.

6. Направете вака: земете кадилници, Кореј и сите негови содружници;

7. утре ставете во нив оган и посипете одозгора темјан пред Господа. Кого Господ ќе го избере, тој нека биде свет. Вие ја преминувате мерата, синови Левиеви.”

8. Потоа Мојсеј му рече на Кореј: „Почујте, Левиеви синови!

9. Зар ви е малку што Израелевиот Бог ве издвои од Израелевото општество, за да ве приближи кон Себе за да ја вршите службата во Господовиот Шатор, и да стоите пред заедницата служејќи и?

10. Те доближи тебе и со тебе сите твои браќа, Левиеви синови; а вие уште барате и свештенство!

Прочитајте целосна глава Броеви (4 Moj.) 16