Стар Завет

Нов Завет

Броеви (4 Moj.) 15:1-16 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Господ му рече на Мојсеја:

2. „Зборувај им на Израелевите синови и речи им: ‘Кога ќе влезете во земјата во која ќе живеете и која Јас ви ја давам,

3. и кога ќе почнете да Му принесувате жртва на Господа: паленица или закланица, жртва заветница или доброволна, или принос по повод вашите празници - правејќи така од крупниот или од ситниот добиток пријатен мирис за Господа -

4. жртвоприносникот нека го принесе својот дар на Господа: лебен принос од десет ефи чисто брашно, измешано со четврт ин масло.

5. Покрај паленицата или покрај закланицата принеси четвртина ин вино за налевница на секое јагне.

6. А принесувајќи овен, принеси и лебен принос: две десетини ефи пченично чисто брашно, измешано со една третина ин масло;

7. принеси и вино за налевница третина ин за благоугоден мирис на Господа.

8. Ако Му принесуваш на Господа јунец како паленица или како закланица, за да исполниш завет или како помирителна жртва,

9. тогаш покрај јунецот нека се принесат: три десетини ефа пченично чисто брашно, измешано со половина ин масло,

10. а за налевница принеси половина ин вино, како паленица за пријатен мирис на Господа.’

11. ‘Така нека се постапи при секое принесување на вол, на овен, и на секоја глава ситен добиток, овца или коза:

12. колку и да ги принесете, направете така за секое одделно, според нивниот број.

13. Секој роден во татковината нека постапува вака, кога принесува палена жртва за пријатен мирис на Господа.

14. И ако некој туѓинец, кој живее среде вас, или ќе биде среде вашите потомци, посака да принесе паленица за благоугоден мирис на Господа, нека прави така како што правите и вие.

15. Нека е еден закон и за вас и за туѓинецот, кој живее среде вас. Тоа е вечен закон за вашите поколенија: пред Господа, како што е со вас, така нека биде и со странецот, кој живее среде вас.

16. Еден закон и една заповед да е за вас и за туѓинецот кој е придојден меѓу вас.’”

Прочитајте целосна глава Броеви (4 Moj.) 15